Кинескиот производител на автомобили БИД постигна голем раст во прометот и во третиот квартал. Главната вест сепак е во тоа што прометот на Кинезите првпат беше повисок во споредба со Тесла.
БИД од продажбата касираше околу 201 милијарди јуани, што одговара на 26 милијарди евра. Според податоците од берзата во Хонгконг, прометот пораснал за 24 проценти во споредба со лани.
Тесла во минатата недела соопшти дека постигнала промет во висина од 25,2 милијарди долари, односно 23,3 милијарди евра.
Според податоците, нето добивката на БИД се зголемила за 11,5 проценти и достигнала 11,6 милијарди јуани, што одговара на 1,6 милијарда долари. Тесла за истиот период пријави раст од 17 проценти и 2,2 милијарди долари промет.
БИД напредува најмногу со своите хибридни модели, чијашто продажба порасна за преку 75 проценти, на 685.830 возила. Според пресметките на новинската агенција Ројтерс, продажбата на чисто електрични автомобили опаднала за 2,7 проценти, на 443.426 возила.
Во последниот квартал од минатата година, БИД првпат продаде повеќе електрични возила од Тесла. Во првиот квартал годинава, Тесла сепак си го врати водството.
Шефицата на БИД вели дека високите царини на ЕУ се „краткорочен предизвик“
БИД е кратенка за Билд Јоур Дримс. Компанијата досега продава 90 проценти од својата продукција во Кина. На европскиот пазар, во третиот квартал беа продадени близу 95.000 возила, што е за една третина повеќе од лани.
















