Опел го унапреди Грандланд во нов знаменосец

За големите семејства се вели дека се и благослов и казна. Од една страна, можеш секогаш да сметаш на поддршка, но од друга страна е тешко да се издвоиш. Таа ситуација им е добро позната во Опел. Во годините по издвојувањето од Џенерал Моторс, во коишто германската марка се снаоѓаше релативно самостојно, и по периодот што следеше за марката да се усогласи со Пежо и Ситроен, Опел сега мора да докаже колку навистина вреди во големата група марки на концернот Стелантис. Новиот Грандланд има задача повторно да ја зајакне позицијата на Опел.

Новата генерација на Грандланд ќе се најде во салоните на Опел уште пред завршетокот на годинава. Ценовникот во Германија почнува од 36.400 евра. СУВ-моделот што постигна просечен успех во жестоката конкуренција во сегментот на компактни модели, сега се претставува како поголем автомобил и со напредна техника.

По заминувањето на Инсигниа, Грандланд стана нов знаменосец на марката. Тоа што Опел ја заокружува својата понуда од модели со СУВ е сосем во духот на времето. Грандланд ќе ја враќа самодовербата на германската марка со вредна и долга традиција.

Преоѓање на платформата Стела Медиум

Главната промена е преоѓањето на платформата Стела Медиум. Грандланд е прв модел на Опел што ја користи новата техничка основа. Со оваа платформа, Стелантис има намера да го забрза преоѓањето на електрични автомобили.

Работниот напон изнесува 400 волти, место 800 волти, за цената на погонот да остане конкурентна. При приклучување на брз полнач, Грандланд ќе полни со најмногу 160 киловати. Во блиска иднина, Опел ќе понуди изведба со батерија со големина од 98 кВч, што ќе овозможи досег од преку 700 километри. Во почетокот, понудата се состои од изведба со батерија со 73 кВч и 523 километри досег, и изведба со 82 кВч за 582 километри со полна батерија.

Исто така во почетокот на продажбата, Грандланд ќе биде достапен само во изведби со преден погон. За модел со погон на сите тркала, со 300 КС и два електромотори, ќе треба да се причека. Брзината е ограничена на 170 километри на час, што е сосем пристојно.

Грандланд е новиот врв во понудата од модели на Опел

Современ дизајн

Иако Опел не отстапува од намерата, од 2028 година во поголемиот дел од Европа да продава исклучиво електрични модели, автомобилите со мотор со внатрешно согорување остануваат и натаму во понудата.

Освен во целосно електрична изведба, Грандланд и во новата генерација ќе биде достапен како приклучен хибрид, сега со моќност од 195 КС. Неговиот електричен досег изнесува 90 километри, крајната брзина при бензински погон изнесува 220 километри на час. Купувачите што бараат подостапен автомобил ја имаат на располагање изведбата со 1,2-литарски 48-волтен благ хибрид, со 136 КС и крајна брзина од 202 километри на час.

Изгледот на Грандланд го оправдува името. Со 4,65 метри должина, што е 20 сантиметри повеќе од претходничката, заедно со зголемено меѓуоскино растојание, новиот СУВ нуди повеќе простор во кабината, а посебно на задната клупа.

Освежениот дизајн на носот, визор-дизајн според Опел, става главен печат во изгледот. Диодната светлечка лента по цела ширина и осветленото лого на Опел делуваат мошне самоуверено. Модерниот дизајн го заокружува исписот на името на марката назад, што е осветлено во црвена боја.

Дигиталната детоксикација во кокпитот останува

Од технологиите, новина се матричните диодни светла, што сега работат со 50.000 точкести извори на светлина, место со 86 извори. Во внатрешноста пречекува дигитален кокпит во комбинација со нов проекциски дисплеј.

При дизајнирањето на внатрешноста, Опел и натаму се раководи според начелото на Дигитална Детоксијација. Тоа значи дека во арматурната табла се оставени само прекинувачите што се најнеопходни, со цел да се постигне чувство на чиста и прегледна средина. Чет ГПТ секако дека се нуди како опција, а постои и можност за планирање на полнењето на батеријата на пат до одредиштето.

Освен со технолошкиот напредок, Грандланд освојува и со паметни детали. Најмногу се издвојува проѕирната кутија за полнење телефон, како еден од бројните простори за одлагање, кои заедно нудат зафатнина од вкупно 35 литри. Багажникот располага со зафатнина од 550 литри, односно 1.645 литри со соборена задна клупа.

Уште едно обележје на Опел секако дека се ергономските седишта. Предните седишта поседуваат незабележливо владбнување по должината, којашто има задача да спречи вкочанетост на нозете и во целина треба значително да го зголеми комфорот при подолги патувања. Тоа е еден мал придонес за хармоничен семеен живот.

Претходна објаваШпанија му дава 133 милиони евра на Стелантис да гради фабрика за батерии
Следна објаваАлпин А390 Бета ќе им ги мрси сметките на Тесла и Порше

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here