Шпанија му дава 133 милиони евра на Стелантис да гради фабрика за батерии

Електричната Ланчиа Ипсилон е меѓу моделите што се произведуваат во фабриката на Стелантис во Сарагоса. Идната фабрика за батерии ќе се гради во близина.

Шпанија му одобри на концернот на Пежо и Фиат субвенција во висина од 133 милиони евра, за изградба на фабрика за батериски ќелии во североисточниот град Сарагоса, соопшти на 8-ми октомври шпанскиот министер за индустрија Хорди Ереу.

Грантот е дел од владината програма за помош за унапредување на производството на електрични возила и батерии, со користење на средствата на Европската Унија за ублажување на последиците од пандемијата. Мадрид се надева дека помошта ќе го убеди Стелантис да потврди дека ќе го реализира својот проект. Тоа дополнително ќе ја зајакне улогата на Шпанија како главен центар на автомобилското производство во Европа.

Стелантис уште се двоуми дали да го гради комплексот за производство на батерии во близина на својата фабрика за автомобили во Сарагоса. Таму се произведуваат Пежо е-208, Опел Корса-е и новата Ланчиа Ипсилон.

Проектот што треба да се реализира со партнерот КАТЛ од Кина, би создал нови 3.000 нови работни места. Целиот проект вреди близу 2,5 милијарди евра.

Повикувајќи се на забавената побарувачка за ЕВ, Стелантис неодамна ги одложи плановите за изградба на две фабрики за батерии во Европа, едната во Германија, другата во Италија. Тој проект треба да се реализира преку АЦЦ, заедничка инвестиција со Мерцедес-Бенц и Тотал/Сафт.

Претставник од Стелантис изјави за Ројтерс дека владината одлука била поздравена со одушевување, но било додадено дека тоа уште е „предмет на комлетирање на целата службена документација“ и дека одлуката ќе биде соопштена во „соодветно време.“

Министерството за индустрија објави, дека вклучувајќи ја последната помош, Стелантис досега има добиено близу 300 милиони евра од владата.

Министерството посебно соопшти дека ја зголемило субвенцијата за гигафабриката во источниот град Сагунто, од 98 на сегашни 152 милиони евра. Проектот му припаѓа на Пауер Ко, огранок за батерии на групацијата Фолксваген.

Претходна објаваДачиа Бигстер се втурнува меѓу компактните СУВ со противвредност како на Дастер
Следна објаваОпел го унапреди Грандланд во нов знаменосец

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here