
Објавите за можното спојување меѓу концернот Стелантис и групацијата Рено се „чиста шпекулација“, кажа извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, за време на посетата на една од фабриките на концернот во источна Франција.
На настан што во истиот ден се одржуваше во Париз, извршниот директор на Рено, Лука де Мео, одби да коментира за тоа што го оценува како „гласини“.
Италијанскиот дневен весник Ил Соле 24 Оре, објави неделава дека разговорите за спојувањето зачестиле. Скалестиот ефект од спојувањето се гледа како можно решение за справување со острата конкуренција со којашто се соочуваат производителите на автомобили со долга историја.
Стелантис неделава ги скуси своите предвидувања за финансиските резулати и предупреди дека ќе потроши повеќе готовина отколку што било предвидено првично, додека се прават обиди да се заживее бизнисот на концернот во САД.
Вредноста на акциите на Стелантис се намали за повеќе од 55 проценти во споредба со март. Тоа е најлошиот резултат на акциите меѓу сите европски производители на автомобили. Опаднатата вредност на акциите ја намали и вредноста на компанијата за 47 милијарди евра.
Гласините околу спојувањето на Стелантис и Рено се расчуја уште во почетокот на годинава. Италијанските медиуми објавија дека француската влада разгледувала планови за спојување на двата концерни. Владата е најголем акционер во Рено, покрај Нисан, а поседува акции и во Стелантис.
Тавареш и Де Мео ќе бидат присутни на салонот во Париз што се отвора на 14-ти октомври. На прашање, за што ќе зборува со Тавареш за време на салоноот, Де Мео одговори: „Ќе го поздравам, како и секогаш.“















