
БИД во целост ја презеде контролата над заедничката инвестиција што ја има во Кина со Мерцедес-Бенц, откако сé повеќе странски производители на автомобили почнаа да го намалуваат своето присуство на најголемиот автомобилски пазар во светот.
Билд Јоур Дримс (БИД) ги презеде преостанатите 10 проценти во акциите на компанијата што беше основана со цел да ја продава премиум марката електрични возила Денза. Компанијата го објави тоа во соопштението од 16-ти септември, не наведувајќи податоци за вредноста на зделката.
Со овој чекор завршува 13-годишното партнерство. Тоа се случува во време на затегнување на односите во трговијата меѓу Кина и Европа, предизвикано со одлуката на Европската Комисија да воведе „компензирачки“ царини во висина до 36,3 проценти за увозот на електрични автомобили од Кина.
За следната недела е закажано гласање за предлогот на Комисијата од страна на државите членки на ЕУ.
Денза, којашто е регистирана како Шензен БИД Њу Енерџи, основана е од БИД и Мерцедес во 2011 година, со рамноправен удел на двете странки.
Заедничката компанија беше основана со цел да произведува и продава премиум електрични возила. Слабата побарувачка за моделите го наведе Мерцедес во 2021 година да го скуси својот удел на 10 проценти.
Откако во следната година беше стартувана новата стратегија, Денза почна да стекнува популарност со своите луксузни минивани, како што е Д9, најпродаваниот модел во сегментот во минатата година.
Според објавите на кинеските медиуми, Денза кон завршетокот на оваа седмица има намера да го претстави моделот З9ГТ, што ќе се продава по цена од 339.800 јуани, односно околу 47.900 долари.















