И Германците имаат проблеми со „родителското такси“

Секое четврто учениче во основно го минува патот до училиштето најчесто со т.н. родителско такси. Така покажа истражувањето „Безбеден пат до училиште“ што Фондацијата АДАК ја објави денес.

Главната причина за родителите да ги одвезат децата на училиште со автомобил и да ги земат оттаму е од практична природа: Носење на тренинг или на други часови веднаш по училиште, лошо време или едноставно за децата да имаат повеќе слободно време. Само мал број родители наведуваат дека патот до училиште е небезбеден.

Според тоа, главнината цени дека децата можат безбедно да си дојдат на школо. Родителите чијшто деца пешачат, возат велосипед или тротинет до училиште, најмногу критикуваат за тоа што метежот што се создава околу училиштата всушност ја загрозува безбедноста на децата.

Повеќето родители критикуваат за создавањето сообраќаен метеж со довезувањето и земањето на учениците. Дури 62 проценти од испитаниците одговориле дека пред почетокот на часовите и по завршувањето, околу училиштата има премногу автомобили. Повеќе од половината од родителите (56%) ценат дека со родителското такси се создаваат опасни ситуации. Исто толкав е обемот на испитаниците што бараат просторот за довезување и преземање на децата да биде одвоен посебно (55%).

Според анкетата на Фондацијата АДАК, напролет и налето 23 проценти од родителите ги довезуваат своите деца со автомобил најмалку 3 до 4 пати неделно. Наесен и зиме, уделот се зголемува на 28 проценти. Земено општо за сите категории на училишта, во „светлите“ годишни времиња 17 проценти од децата доаѓаат на школо со родителско такси, односно 21 проценти во „темните“ годишни времиња.

Според анкетата, причината за родителите масовно да ги довезуваат децата на школо не е тоа што патот е небезбеден. Повеќе од половината од родителите (56%) ценат дека на децата им е сосем безбеден патот да дојдат и да се вратат од школо. Од тоа произлегува оцена 2,6, што е релативно високо (1 е највисоко).

Соодветно на тоа, само 11 проценти од родителите што редовно ги возат децата на училиште го прават тоа оти ценат дека сообраќајот не е безбеден за децата. Како причина за родителската такси услуга многу почесто се наведуваат други закажани термини по школо (39 проценти), лошо време (38%), училиштето е по пат до работа (30%), повеќе слободно време за децата (23%) и комоција (18%).

„Децата создаваат чувство за патниот сообраќај како активни учесници, не на задната клупа во автомобилот“

Експертите за мобилност се залагаат за децата самостојно да пешачат или да возат велосипед/тротинет до училиште или до станица за превоз: „Децата создаваат чувство за патниот сообраќај и за опасностите од него како активни учесници, а не на задната клупа во автомобилот. Пешачењето или возењето велосипед до училиште е важен секојдневен тренинг, за безбедно и самостојно движење во сообраќајот“, вели Кристина Тилман, претседателка на Фондацијата АДАК. Други придобивки се создавање моќ за концентрација во предавањата, вежбање на телото и дружење на децата, кога тие го минуваат патот заедно со други деца.

Иако патиштата до училиште главно се оценуваат како безбедни, родителите пак ги придружуваат често децата што пешачат или возат велосипед/тротинет. Повеќе од третина (34%) од родителите наведуваат дека речиси секојдневно ги придружуваат на пат до основно училиште, а други 16 проценти повремено го прават тоа. Гледано за сите школски форми, 18% од родителите го придружуваат детето додека пешачи, вози велосипед или тротинет до уличиште. Тринаесет проценти се вклучуваат повремено.

Родителите најмногу стравуваат од безобѕирни возачи и од невнимание на останатите учесници во сообраќајот. Тоа загрижува 43 проценти од родителите. Слаба доверба во безбедноста во сообраќајот имаат 26 проценти, додека други 20 проценти стравуваат дека нивното дете не внимава доволно или лошо ги проценува ситуациите во сообраќајот.

Одвлекување на вниманието со паметниот телефон исто така претставува ризик. Паметен телефон имаат 62 проценти од децата додека се враќаат дома, а за секое четврто од нив, родителите имаат посведочено дека поради телефонот се случувале опасни ситуации.

Снимка од 2022 година, улицата Аминта Трети, пред партерното уредување и смирувањето на сообраќајот

Претходна објаваПоранешниот шеф на Фолксваген демантира криминална вмешаност во дизел скандалот
Следна објаваОпел Мовано на водород: Полни брзо како бензинец, чист е како струја

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here