Во шангајската фабрика на Тесла кон завршетокот на следната година треба да отпочне производство на изведба на Модел Ипсилон со шест седишта. Тоа го потврдија две лица што се упатени во состојбите. Тесла бара начини да ја зголеми привлечноста на својот најпродаван електричен автомобил, што веќе почнува да старее.
Тесла побара од добавувачите да се подготват за двојно зголемување на продукцијата на Модел Ипсилон во фабриката во Шангај, качува познавач на состојбите во компанијата од САД.
Неизвесно е како Тесла ќе ја зголеми продукцијата во фабриката, додека чека да добие одобрение за површината на фабриката да се прошири за уште 70 хектари, на поранешни земјоделски површини.
Производителот веќе постигна зголемување од 6 проценти во испораките на домашниот и на извозните пазари, во периодот од јанари до јуни, откако во минатата година беше пуштена во продажба освежената изведба на Модел 3.
Тесла почна со испорака на Модел Ипсилон во 2020 година и подготвува негово освежување под проектот што се води под името Јунипер, соопшти Ројтерс.
Таа варијанта на Модел Ипсилон ќе има пет седишта и ќе почне со продажба во почетокот на 2025 година. Првично беше планирано тоа да се случи уште во текот на годинава, кажуваат изворите.
Додавањето на втора изведба што ќе има шест седишта е потврда за силниот притисок што Тесла го чувствува во Кина од домашните ривали, додека во САД, компанијата се посветува на системи за автономно возење и развој на роботско такси.
Конкуренцијата за Модел Ипсилон се зголеми за најмалку четири нови модели што беа претставени годинава. Меѓу нив се Онво Л60 од Нио и 7Икс од Зикр, коишто имаат повеќе простор во кабината и воедно чинат помалку од Тесла.
View this post on Instagram
Кросоверот Модел Ипсилон е најпродаван модел во Кина, во конкуренција на сите видови погон. Од јануари до јуни во земјата се продадени 207.800 возила. Конкуренцијата сепак не мирува. БИД Сигал се приближува со брзо темпо.
Тесла очекува вкупната продажба во Кина да се зголеми во третиот квартал, поради зголемената побарувачка во помалите градови. Компанијата во мај отпушти голем дел од својот персонал, со цел да ја зголеми профитабилноста.
Уште еден поттик за продажбата може да дојде од воведувањето на опцијата за автономно возење во Кина, што треба да се случи пред завршетокот на годинава.
Тесла во САД продава изведба од Модел Ипсилон со седум седишта, меѓутоа во третиот ред седишта има крајно огранчен простор за седење, што не може да помине кај кинеските купувачи.
„Таму нема доволно место ниту за поголем пес,“ кажуваат упатените извори.
















