
Мекларен бара нов правец во којшто ќе ја развива иднината на својата марка, покрај суперспортските автомобили со мотор Ве-8, во бои на бонбони, што ја прославија британската марка надвор од тркачките патеки.
Голема помош за одредување на вистинскиот правец доаѓа од пазарот на којшто најбрзо расте продажбата на Мекларен, а тоа се САД.
Целото внимание на Мекларен во моментов е посветено на моделот со четири врати што треба да пристигне најрано во 2028 година.
„Возило што се ориентира според животниот стил може да има голем потенцијал за нас,“ изјави за Аутомотив Њуз извршниот директор на Мекларен, Мајкл Лajтерс, за време на автомобилската недела во Монтереј. „Тоа може да додаде дополнителен столб за нашиот бизнис.“
Лајтерс е човек што најдобро го знае тоа. Германскиот менаџер им помогна на неколку производители на силни спортски автомобили да го прошират својот бизнис покрај моделите со две врати. Тој раководеше со лансирањето на два престижни СУВ-модели на пазарот: Едниот од нив е Порше Кајен, вториот е Ферари Пуросангуе.
Директорите во Мекларен избегнуваат планираниот модел да го категоризираат како СУВ и посочуваат дека уште се избира каков стил ќе има каросеријата. Тие во идниот автомобил гледаат возило за „споделени перформанси“, во смисла на тоа дека повеќе луѓе во кабината ќе можат да уживаат во динамиката.
Идниот модел со поголема практичност веројатно ќе ја замени моментната улога на Мекларен ГТС како автомобил што се двои од понудата на марката. Тој ќе привлече нови купувачи, исто како што тоа му успеа на Порше Кајен. „Сакаме да го прошириме нашиот круг на купувачи,“ кажа Лајтерс.

Мекларен со четири врати, вели Лајтерс, мора да го задржи ДНК на моделите со две врати. „Тој мора да биде лесен. Тој мора да биде лесно подвижен. Тој мора да ги исполни стандардите за перформанси и забрзување.“
За разлика од сите останати модели на Мекларен, компанијата првпат ќе мора да се здружи со друг производител на возила за платформата и евентуално за производството на каросеријата.
„Сé што е надвор од нашето јадро може да ни биде од интерес“ во секое партнерство, кажа Лајтерс. „Тоа прави работата да ни биде поедноставна и поисплатлива.“
Лајтерс спомна дека Мекларен води преговори со повеќе производители на возила, меѓутоа не ги посочи точно. „Преговорите ветуваат многу,“ кажа тој.
Извршниот директор кажа дека Мекларен може да понуди многу во партнерството. „Ние ги имаме најдинамичните возила во сегментот. Ние ја имаме најдобрата аеродинамичност. Ние ги имаме најлесните автомобили“, вели Лајтерс.
Без разлика каква технологија ќе се користи од партнерите, конечниот резултат ќе води кон автомобил што јасно ќе укажува дека потекнува од марката Мекларен.
„Не сакаме автомобил за којшто сите ќе коментираат, ‘тоа е партнерски производ,’ “ објаснува Лајтерс. „Нема да постои забуна околу марката или производот.“
Произведено за САД
Пространиот Мекларен убаво ќе се вклопи во главниот двигател на продажбата и добивката на марката, во САД.
Продажбата на марката на пазарот во Северна Америка се зголеми за повеќе од двојно во првото тромесечје. САД учествуваат со повеќе од половина во вкупната продажба од 796 возила на Мекларен ширум светот, во првите три месеци од годината.
„Пазарната свест за марката во САД е многу силна,“ наведува Лајтерс. „Тука играме на исто рамниште со производители како Ферари, коишто имаат 90 години искуство. Ние имаме 13 години.“

„Економијата во САД е поотпорна,“ вели тој. „Купувачите во САД се повеќе подготвени да го прифатат предизвикот.“
Од друга страна, Европејците повеќе се „свесни за ризиците“ и пристапуваат претпазливо, пред да се решат за скапото купување.
„Доколку таму има рецесија, луѓето и покрај тоа што се финансиски моќни, се решаваат да причекаат,“ вели Лајтерс.
Шефот за продажба и маркетинг на Мекларен, Џорџ Бигс, вели дека производите на марката „одлично се вклопуваат во нашиот круг на купувачи тука.“
Автомобилската култура во САД, заедно со системот од автопатишта што се надоврзуваат од една во друга сојузна држава, исто така оди во прилог на возењето скапи суперавтомобили.
„Во САД имаме инфраструктура во којашто е мошне прифатливо да се вози суперавтомобил од овој вид,“ вели Бигс.
Оттаму е сосем разбирливо зошто Мекларен ја крои моделската стратегија според својот најголем пазар.
„Нашите планови досегаат до 2030-те и возбудени сме за тоа што во доверливиот круг можеме да го видиме на цртачките табли,“ кажува Бигс. „А, Северна Америка е клучен дел од тоа.“
Електричниот модел уште не е готов
Мекларен не откри каков погон ќе користи идниот модел со четири врати, меѓутоа е мала веројатноста дека тоа ќе биде електричен погон.
„Електричниот погон од неколку причини денес не ни е релевантен во сегментот на суперавтомобилите,“ објаснува Лајтерс. „Тој е претежок и не побудува толку силни емоции.“
Лајтерс кажа дека во поглед на батериската технологија не може да се очекува електричен суперавтомобил до завршетокот на оваа декада.
„Пред Мекларен да произведе електричен суперавтомобил, не може да постои електричен суперавтомобил, затоа што ние сме единствените што навистина умееме да конструираме лесно возило,“ кажа тој. „Едноставно е да се има 2.000 КС со тежина од 2,3 или 2,5 они, но тоа не е спортски автомобил.“

Покрај тоа, постои опасност од обезвреднување на користените електрични возила, откако целата бранша почна да го следи примерот со спуштањето на цените на Тесла.
Според АЛГ, електричните возила во 2023 година задржале 41 проценти од својата набавна вредност, кога се појавиле на пазарот на користени возила, наспроти 66 проценти кај автомобилите со мотор со внатрешно согоруивање и електричните автомобили заедно.
„Преостанатата вредност не е на нивото на коешто треба да биде и тоа е клучно за нашиот бизнис,“ објаснува Лајтерс.
Сé додека не созрее батериската технологија, Мекларен се потпира на хибридната технологија, за да постигне врвни перформанси, со почитување на животната средина.
„За четири години, околу 90 проценти од нашиот возен парк ќе биде хибриден,“ најавува Лајтерс.
Најновиот проект на британскиот производител е лесен хибриден систем што годинава ќе се појави во новиот знаменосец на Мекларен. Хибридот што се инспирира од Формула 1, со ознака П18, го користи новиот мотор Ве-8 на Мекларен, со хибриден погон што е за околу 70 проценти полесен од тековната генерација.
„Тоа е навистина возбудлива погонсска прега што ќе ја користиме како носечка технологија додека напредуваме кон иднината,“ кажува Бигс.















