Германскиот производител на батерии Варта соопшти дека постигнал договор за реструктурирање со своите кредитори. Спортската марка Порше ќе го спасува бизнисот што е западнат во криза.
Спогодбата е постигната по неколкудневни тешки преговори. Долгот на Варта од појдовните 485 милиони евра, во почетокот ќе се намали на 200 милиони евра.
Варта произведува акумулатори (главниот бизнис со автомобилските акумулатори го поседува Клариос) и батерии за автомобили, за индустријата и за потрошувачката електроника. Компанијата бараше компромис меѓу главниот акционер Михаел Тојнер, кредиторите и Порше, за да се смали долгот и да се привлече свеж капитал.
Со договорот се предвидува Тојнер и Порше да вложат капитал во висина од по 60 милиони евра. Дополнителни 60 милиони ќе пристигнат од кредиторите, во форма на заеми. Компанијата соопшти дека во следниот период ќе се вклучи и трет инвеститор.
„Во напредни преговори сме со други инвеститори што би сакале да ни се придружат,“ изјави за Ројдерс извршниот директор Михаел Остерман.
Помагајќи во спасувањето на Варта, Порше ќе го обезбеди снабдувањето со батерии со високи перформанси, што ги вградува во своите хибридни и електрични автомобили.
Порше на 17-ти август соопшти и дека ќе купи мнозински удел од акциите на В4Драјв Батери, огранок на Варта, по пат на зголемување на капиталот.
„Со планираното преземање на мнозинскиот удел во акциите на В4Драјв, ние би сакале да дадеме важен придонес за клучните технологии да се задржат во Германија,“ изјави Луц Мешке, заменик претседател во извршниот одбор на марката Порше.
Остерман во јули најави коренито преструктурирање на Варта пред стечај, откако компанијата повеќе не беше во состојба да ги покрие своите долгови, по масивните инвестиции.
„Со примената на мерките што ги договоривме денес, финансирањето и ликвидноста се стабилизираат на одржлива основа и се обезбедуваат за подолго време,“ кажа директорот за финансии на Варта, Марк Хундсдорф.
„Умерени“ скусувања на работните места
Остерман кажа дека не постои закана за помасовно отпуштање на работната сила.
„Сакаме да растеме, како во поглед на акумулаторски системи за фотоволтаични системи, така и на батон-ќелии за слушалките на Епл. Во моментов бараме работници таму,“ кажа директорот.
Варта ќе ги задржи сите свои производствени погони во Германија, единствено ќе направи „умерени“ скусувања во администрацијата. „Ќе ја вратиме Варта на патот на профитабилен напредок,“ изјави тој за Ројтерс.
Постоечките акционери сепак ќе останат со празни раце, затоа што Варта по реструктурирањето ќе биде повлечена од берзата.
„Се обидовме на секаков начин да ги задржиме малите акционери, но во оваа ситуација тоа не е можно легално,“ заклучува Остерман.
















