Тесла Сајбертрак само над 100.000 долари, основната изведба е избришана

Тесла ја отстрани најдостапната изведба на електричниот пикап Сајбертрак од својата понуда. Тоа за купувачите значи разлика од 40.000 долари.

Тесла престана да прима нарачки за најдостапната моделска изведба на својот Сајбертрак. Варијантата што чинеше 61.000 долари повеќе не се наоѓа на вебсајтот. Веста прва ја објави новинската агенција Ројтерс. Отсега е достапна само една изведба, и таа чини 100.000 долари.

Извесен круг купувачи ќе чекаат да се врати подостапната изведба, затоа што цените на пикапот се поголеми и досегот е помал отколку што првично се најавуваше. Шефот Илон Маск во 2019 година излезе со оптимистични најави дека Сајбертрак ќе чини 40.000 долари и со полна батерија ќе минува преку 500 милји, односно 800 километри. Досега понудениот основен модел чинеше 61.000 долари во основната изведба, со досег од само 250 милји, односно 400 километри.

Инвеститорите се сомневаат околу успехот на Сајбертрак

„Тоа покажува дека побарувачката е далеку под еден милион“, кажува Сем Абуелсамид, аналитичар на Гајдхаус Инсајтс. Инвеститорите во Тесла будно ја следат побарувачката и понудата за Сајбертрак, затоа што тоа е прв нов модел на производителот од САД по повеќе години.

Тесла вложи многу пари и време во развојот на пикапот, што привлекува внимание со својот необичен изглед и со каросеријата од благороден челик. Маск во октомври соопшти дека се регистрирани еден милион резервации за моделот и дека се планира продукција од 200.000 возила годишно.

4.800 испорачани возила во јули

Производителот на електрични возила во јули продаде 4.800 примероци од Сајбертрак. Тоа е досега најуспешниот месец за моделот. Електричниот пипак е далеку најпродавано возило во САД со цена од преку 100.000 долари, објавија Кокс Аутомотгив, специјалисти за возни паркови. Доколку секој месец се продаваат по толку примероци, за една година ќе бидат произведени 57.600 возила, што е далеку под бројката што ја најави Маск.

„Досега се продадени преку 16.000 возила, но ќе биде предизвик продажбата да се одржува на тоа ниво во овој ценовен сегмент“, оценуваат од Кокс Аутомотив.

Испораките почнаа во ноември

Испораките почнаа лани во ноември, по неколку години доцнење. Моделот не се нуди во Европа, затоа што каросеријата не ги задоволува барањата за хомологација.

По повеќе години постојан успех, Тесла се соочува со потешкотии, затоа што опаѓа побарувачката за електрични возила и конкуренцијата излезе на пазарот со бројни нови модели. Во САД, уделот на пионерот на електричниот погон во второто тромесечје првпат падна под 50 проценти. Маск во април најави масовни отпуштања.

Претходна објаваЏип Авенџер е најпродаван СУВ на италијанскиот пазар годинава
Следна објаваТест · Шкода Октавиа 2.0 ТДИ · Џетата што на Фолксваген никогаш не му успеа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here