Во првото полугодие македонските возачки и возачи се подновиле со вкупно 3.758 возила. Трендот на раст на продажбата е постојан и за целиот период од јануари до јуни покажува зголемување од 37,6 проценти.
Евтина луксузна лимузина, полнолетна и со нашминкана километража, обично од бугарските плацеви, со најмногу две години грејс-период додека поправката на следниот дефект ја надмине вредноста на автомобилот, или нормален и разумен, домаќински автомобил, нов од фабрика, каков што може да се дозволи со македонскиот стандард, барем за следните петнаесетина години?
По „само“ деценија и пол, откако војската со 50.000 Еуро-нула возачи ставени на бугарски таблици, се закани дека со автомобилите ќе ја блокира целата држава, ако властите и натаму бараат да се почитуваат законите и Еуро-нула возачите да си ги платат високите давачки за увоз на користени автомобили со катастрофално висока емисија на штетни материи, по што следеше укинување на секакви законитости околу увозот, одговорот на пазарот веќе извесен период покажува јасно во нормална насока.
Пред една деценија, во Македонија за дванаесет месеци се продадоа речиси исто толку автомобили колку што во 2024 се продадени за половина година. Тогаш беа 3.362 патнички возила, годинава се 3.241 возило. Ако воопшто може нешто да радува во оваа држава, барем во поглед на автомобилизмот, тогаш тоа нека биде составот на најпродаваните десет модели на македонскиот пазар во јуни.
Додека од плацевите со користени автомобили се излегува со Ауди Ку-7 или БМВ Серија 7 од времето кога годините се пишуваа со две нули едноподруго, од салон се излегува со нов автомобил од градската класа, избран со разум. Поголем расчекор од тоа не може да постои.
Најпродавани модели на македонскиот пазар во јуни се Рено Клио, со 42 продажби, односно вкупно 159 продадени примероци за шест месеци, Шкода Камик со 40 продажби (124 до јуни) и Ситроен Це-3 со 37 продадени возила, односно 112 од јануари до јуни. Ситроен го дели третото место со Пежо 2008, на којшто моделското освежување очигледно му годеше и го врати моделот на врвот, со 101 продадено возило до јуни. Исто така изгледаше пазарот пред да се активира 50-илјадната Еуро-нула војска ставена на бугарски таблици во 2010 година.
Единствено прават мала отстапка Камик и 2008, како СУВ-модели од градската класа, што пред деценија уште се немаше развиено во толку моќен сегмент. Тоа е воедно и најпродаваниот пазарен сегмент во Европа. Колку и да се чини дека Германците и Французите купуваат Ауди Ку-7 или БМВ Серија 7, како што би можело да се стекне впечаток по тукашните „авто-ниви“, народот таму сепак избира прво модел од градската класа, било СУВ, било во класична каросериска изведба.
Дачиа Дастер ја заокружува водечката петорка со 30 продажби (156 до јуни) и докажува дека изборот на македонските возачки и возачи – на нов автомобил – да се посегне по СУВ или комбилимузина од градската класа, не се разликува од европскиот избор.
Одлично котира и Опел Корса, најпродаваниот модел во мај, со 28 продажби во јуни (125 во првите шест месеци), исто колку Шкода Скала (89 до јуни). Третиот шестопласиран модел е Тојота Корола, со 66 продажби за шест месеци. Веднаш по лимузината што со години ја водеше македонската продажба следи Јарис, со 21 возило (32 до јуни).
Како еден од малкуте останати модели во тој сегмент, Панда буквално владее со пазарот на малечките, но секогаш добри автомобили. Дваесет возила во јуни и 106 возила од јануари до јуни. Киа Спортаж направи починка рано во јуни и од неа се регистрираа 18 примероци месецот, но затоа СУВ-евергринот го задржува првото место во продажбата годинава, со 162 возила до јуни. Тусон заостанува далеку, со 115 возила.
Списокот го заокружува Шкода Октавиа со четири регистрирани возила во јуни, но и со вкупно 139 возила во првата половина од годината.
Најпродавани модели на македонскиот автомобилски пазар во јуни 2024
Модел |
Јуни 2024 |
Јуни ’23 (%) |
2024 |
|
| 1 | Renault Clio | 42 | 1 | 159 (2.) |
| 2 | Skoda Kamiq | 40 | 1.667 | 124 (6.) |
| 3 | Citroen C3 | 37 | 1.467 | 112 (8.) |
| 3 | Peugeot 2008 | 37 | n/a | 101 (10.) |
| 5 | Dacia Duster | 30 | 0.667 | 156 (3.) |
| 6 | Opel Corsa | 28 | n/a | 125 (5.) |
| 6 | Skoda Scala | 28 | 1.333 | 89 (11.) |
| 6 | Toyota Corolla | 28 | 0.647 | 66 (12.) |
| 9 | Toyota Yaris | 21 | n/a | 32 (13.) |
| 10 | Fiat Panda | 20 | n/a | 106 (9.) |
| n/a | Kia Sportage | 18 | – 10.0% | 162 (1.) |
| n/a | Hyundai Tucson | 10 | 1 | 115 (7.) |
| n/a | Skoda Octavia | 4 | n/a | 139 (4.) |
Со исклучок на Тојота Јарис, сите модели во јунскиот Топ 10 биле и меѓу десетте најпродавани модели во јуни лани. Распоредот тогаш: Киа Спортаж, Тојота Корола, Дачиа Дастер, Шкода Октавиа, Опел Корса, Шкода Камик, Хјундаи Тусон, Ситроен Це-3, Пежо 2008. Тоа се марки и модели што се имаат изборено за име и углед меѓу македонските возачки и визачи, и остануваат долго во Топ 10.















