Точно месец и пол, два претсериски примероци од Мерцедес-Бенц еАктрос 600 возеа долж и попреку Европа, секој од нив минувајќи по повеќе од 15.000 километри, чисто на струја. Сé е во камионски размери: Со полнач со моќност од 1.000 киловати, батериите се полнат за половина час.
Два претсериски примероци од Мерцедес-Бенц еАктрос во минатата седмица успешно ја завршија турата низ 22 држави низ Европа. Едниот електричен Актрос извозе 15.269 километри, другиот 15.939 километри. Кај Мерцедес нема мамење. Двата камиони возеа натоварени, под полна тежина од 40 тони. При целата тура се користеа само јавно достапни полначи.
Кристоф Вебер е главниот човек во тестирањето на камионите на Мерцедес-Бенц: „Таква мамутска тура бара највнимателна подготовка и планирање, посебно во поглед на полнењето на јавната мрежа. Иако при запирањето за полнење стекнавме различни искуства, се покажа дека е можно да се вози на долги растојанија со батериски електричен погон.“ Досегот на новата изведба на еАктрос – веќе одамна се продава изведбата Актрос 300, со помал досег – изнесува 500 километри.
Турата ја придружуваа 30 новинари од 20 европски држави, со тоа што секој од нив имаше можност сам да седне зад воланот.
Сите искуства и пораки што Мерцедес-Бенц Тракс ги има за европската тура со еАктрос 600, ќе бидат објавени и пренесени во рамките на салонот за товарни возила ИАА Транспорт во септември, во Хановер.
Одредишта на турата беа најсеверната и најјужната точка на Европа
Возењето започна на 11-ти јуни во Франкфурт на Мајна. По упатувањето кон Данска и Шведска, двата камиони точно за долгодневицата го достигнаа првото важно одредиште на турата. Тоа беше Нордкап во Норвешка, најсеверната точка на Европа што може да се достигне по асфалтиран пат.
Кон завршетокот на јуни, конвојот се упати на југ, преку Финска, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Австрија, Словачка, Унгарија, Хрватска, Словенија, Италија, Франција и Шпанија. По куса починка во шпанска Тарифа, најјужното место на европска почва како следно големо одредиште, патувањето продолжи повторно кон север. Следеа Португалија, Франција, Белгија, Холандија, Луксембург, за патувањето да заврши во Германија.
Фабричко видео од турата
Батеријата се состои од три батериски модули од по 207 киловатчасови, што дава вкупно 621 кВч капацитет
Според искуствените податоци, околу 60 проценти од превозот на долги растојанија што ги прават клиентите на Мерцедес-Бенц во Европа, покуси се од 500 километри. Тоа значи дека досегот на еАктрос целосно ги покрива превозите на тие клиенти, без потреба да се полни батеријата по пат.
Во моментов се користи ЦЦС-полнење со моќност до 400 киловати. За подоцна се најавува и МЦС- полнење, со вредност до 1 мегават. Во кругот на центарот за развој во Верт на Рајна, во април првпат се користеше полнач од 1 мегават, што е од сопствен развој на Мерцедес-Бенц. Полнењето од 20 до 80 проценти, на таков полнач трае 30 минути.
















