
Ферари ги зголеми предвидувањата за деловните резултати за годинава, откако порасна профитот во второто тромеселчје, благодарение на барањата на купувачите да се изведат скапи детали на нарачаните возила и благодарение на зголемената побарувачка за модели од ограничени серии, како што е Дајтона СП3, вредна 2,2 милиони евра.
Предвидувањата на производителот на суперавтомобили за бизнисот за годинава сега се покачија на добивка од 2,5 милијарди евра, без пресметани даноци, камати. Претходно се предвидуваше дека добивката ќе достигне 2,45 милиони евра. Тоа се бројки што им се од суштинско значење на акционерите.
Ферари соопшти дека очекува прометот од продажбата годинава да достигне 6,55 милијарди евра, место 6,4 милијарди претходно.
Извршниот директор Бенедето Виња кажа дека останува посветен на обврската да ја сочува ексклузивноста на понудата од модели на марката. Исполнувањето посебни барања на клиентите носи зголемена добивка и воедно отвора простор за идни покачувања на цените на моделите.
Оваа стратегија се покажува мошне делотворна, затоа што и прометот и добивката растат со двоцифрени вредности, иако продажбата на Маранело во второто тромесечје се зголемила само за мала едноцифрена вредност.
Пречистената добивка за вториот квартал порасна за 14 проценти, на 669 милиони евра. Прометот се зголеми за 16 проценти, на 1,71 милијарда евра.
Компанијата предвидува приливот на свежи пари да достигне 950 милиони евра, што е незначлително над претходно предвидените 900 милиони евра.
Бројот на продадени возила во второто тромесечје се зголеми за 3 проценти, вкупно се продадени 3.484 возила. За растот најмногу придонесе моделот Пуросанг, како и зголемената продажба на Рома Спајтер и 296 ГТС Спајдер.

Виња го подготвува Ферари за ерата на електромобилноста. Тоа е голем предизвик за компанијата што е прочуена по своите 12-цилиндарци.
Компанијата во јуни првпат ја отвори за јавност новата фабрика во Маранело, кадешто кон завршетокот на следната година ќе отпочне производството на првите целосно електрични модели на Ферари. Тие ќе се произведуваат на иста линија со моделите со хибриден и класичен погон.















