Тест · Киа Соренто · Така се вози успехот

Распоредот на силите меѓу моделите на Киа е посебен. Спортаж постигнува двојно поголема продажба од подостапните Пиканто или Сид, што значи дека луѓето доаѓаат во оваа марка за да добијат повеќе. Што може Соренто како врвен модел да понуди повеќе од тоа што веќе го нуди Спортаж, општиот бестселер на Киа?

Околу Соренто, во основа е познато сé. Од модел што ја следеше главната струја во времето кога ГЛЕ уште се водеше како М-класа, големата Киа во меѓувреме изгради сопствен имиџ и силен имиџ. Главно, нема што да ѝ се забележи. Соренто, денес во својата четврта генерација, откако моделската серија стартуваше во 2002 година, вистински освојува симпатии кога ќе се погледне како на него реагира домашниот пазар, корејскиот.

За Кореја, исто така, главно е познато сé. Луѓето се работливи, земјата им постигнува еден од најголемите растови на бруто домашниот производ, соодветно се ужива во висок животен стандард. Сé e далеку над светскиот просек. Тоа важи и за изборот на автомобил.

Најпродаваните модели на корејскиот пазар во јуни, значи според најсвежите податоци: Прва е Киа Карнивал, луксузен ван, трет е Спортаж, а меѓу нив е Соренто. Луксузниот СУВ е втор најпродаван модел на домашниот пазар. Јуни ’24 не е исклучок, затоа што Корејците имаат „навика“ најмногу да ги купуваат овие модели на Киа.

Една блиц споредба со германскиот пазар. Фолксваген исто така ги има трите први места во продажбата таму, во првото полугодие. Меѓутоа, во семоќната Германија, не се најпродавани Мултиван, Туарег и Тигуан, како пандани на Карнивал, Соренто и Спортаж, туку водат Голф, Т-Рок, па Тигуан. Од тоа, човек да почне да ја обожува оваа Киа.

Но, дали Соренто навистина е луксузен СУВ или е само голем СУВ? Како што е практика во тестовите на Аутомедиа од почетокот на годинава, главната содржина е префрлена на обемните видео снимки од тестот. За одговор каков е Соренто, првите километри беа направени од Скопје до Берово, со поаѓање во 15 часот, при температура од 40 степени и мачно време поради претстојните врнежи.

Колку навистина е вреден автомобил од категоријата на Киа Соренто, се покажува веднаш штом се излезе од возилото по патување

Одговорот следеше веднаш по 160-те километри пат до малешевската убавина. Со вклучена вентилација во седиштата, со вешто проектирана климатизација од којашто не заболува ниту глава ниту врат, со тивка кабина, силна резерва од моќ, комфорна амортизација, чувство на добра згриженост во каросеријата што е како замок, патот не се чувствува. Со друго возило, друга класа, на човек сепак ќе му биде потребно малку време да одмори од седењето зад воланот и од седењето како патник. Во Соренто е поинаку. Човек да потрча веднаш штом го почувствува чистиот и мек воздух. Тоа е луксузот во Киа Соренто.

Уште една ставка е многу важна. Масажата. Тоа одамна не е сензација, меѓутоа Киа многу нешта прави различно во Соренто, па така и масажата. Возачкото седиште се програмира, за масажата да се вклучи самостојно откако ќе се мине одредено време зад воланот. По уште дваесетина минути возење, масажата пак ќе се вклучи, како што е наместена, самостојно, без човек прво да се сети дека воопшто постои масажа.

Тоа е само една од ставките што Киа ги прави различно во Соренто. Меѓу нив спаѓа и самостојното затворање на вратата на багажникот, кога возачот со клучот в џеб ќе си замине од возилото. Прикажување слика од камерите во огромниот дисплеј кога ќе се вклучи лев или десен трепкач, и тоа е дел од нештата што Соренто ги прави да им угоди на своите возачки и возачи. И велосипедистите ќе бидат посреќни, затоа што приказот од камерата служи точно за тоа, да ги заштити од повреда и загрозување – не само за престројување.

При премиерата во 2020, Соренто одушевуваше со напредните системи за асистенција, и секкао, со огромниот дисплеј: Со моделското освежување за 2024, се отиде на автоматизација и угодување на возачот и патниците

Соренто може и сам да престигнува, кога возачот ќе пушти трепкач и ќе пушти поглед кон ретровизорот. Читач за отпечаток на прст служи за големата и скапа Киа да го препознае возачот и да знае што да прави. Доколку е седнат синот, што уште е нов возач, соодветно ќе се вклучи режим за тој да не може да дивее со моќноста на Соренто.

Софистицираноста е голема тема во Соренто, ова е автомобил со манири. Можеби се чини дека е наивно и за почетници, но неверојатно е практично кога во дисплејот ќе се покаже дали бришачите во моментот се префрлени на автоматска работа или се исклучени па затоа не реагираат на дождот. Мали работи што значат многу, така обично порачуваат рекламите.

Сите овие ставки од раскошната опрема, интелигентни решенија, масажа, вентилација, дисплеј што се чини дека работат како на ЦСИ, сé тоа би станало безначајно, доколку Соренто не успееше да го исполни основното барање за еден автомобил да се оцени како луксузен и премиум – а тоа е само и единствено чувството дека автомобилот е луксузен и премиум. Секако дека тоа е во контекст на релаксираноста, што ја чувствуваат возачот и патниците, кога по подолг пат ќе излезат од возилото и ќе се чувствуваат релаксирано. Слободно, да го прават тоа што го намериле по патот, без потреба прво да се направи починка.

Во Европа не постои модел на Киа што чини и што е поблагороден од Соренто, посебно во изведба како тестираната – повеќе чини само Карнивал, од воведот, најпродаваниот модел воопшто во Кореја

Тоа е вклучено во цената од 65.000 евра на Соренто во врвното ниво на опременост Егзекјутив, значи во директорската изведба на СУВ-знаменосецот на Киа. Цената не ги содржи „само“ дизел моторот, што уште освојува толку зависнички со резливиот звук и со препознатливата фреквенција, или 8-степениот менувач со двојна спојка, што толку совршено имитира класичен автоматик со претворач на вртежен момент, или можеби во каросеријата што е долга 4,82 метри, широка точно 1,9 метар, со багажник од 821 литри стандардно.

Вистинската цена е во зрелоста што е постигната при конструирањето на автомобиот, во „идејата“ на проект менаџерот. Како што спомнувам во видеото, тоа што се чувствува во возилото, зад воланот, секаде, тоа е резултатот од работата со пробните прототипи, што секој производител ги изработува и ги изложува на измачувачко тестирање – токму со цел да се постигне чувство на совршенство како во Соренто.

Сите впечатоци и забелешки од тест-возењето на Киа Соренто вообичаено се содржани во обемиот видео материјал што е објавен на каналот на Аутомедиа на јутјуб

Најдобрата вест околу Киа Соренто. Постои и изведба со пониско ниво на опременост, што не го следат епитети на хипер, туку „само“ на супер опременост, и што чини 56.950 евра. Целата механика и „железарија“ останува, а тоа значи дека се задржува и карактерот на Соренто, најдоброто во целиот автомобил. Човек треба единствено да се откаже од систем што автоматски престигнува на автопат, од паркирање со „далечинско“, од четири камери, проекциски дисплеј, Боус-звук, кожа, електрика и вентилација за седиштата, сончев покрив. Тоа и не е толку голема жртва.

Соренто се произведува и во изведба со погон само напред, со хибриден погон со 1,6-литарски бензинец со 160 КС од Спортаж и електромотор од 60 КС. Третата погонска изведба е приклучен хибрид, каде што електромоторот постигнува 91 КС и 304 њутнметри, но се придружува и батерија од 13,8 кВч, за 55 километри досег. Дизел изведен како 48-волтен благ хибрид, што нечујно ќе го буди моторот од „старт-стоп“ би било добра опција, меѓутоа Киа ја нуди таа погонска варијанта само кај Спортаж, Сид и Стоник.

Киа Соренто од тестот во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

https://avtosalon.mk/listings/kia-sorento-2-2-crdi-awd-dct8-executive-7sed/

 

Претходна објаваЧешки регион купи 29 електрични Пежо, за училишта и детски домови
Следна објаваРезултатите на БМВ за првото полугодие: Продажбата зголемена, маржата намалена

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here