Од пуштањето во погон во 2026 година, Киа во фабриката во Жилина произведе вкупно пет милиони возила на европска почва. Фабриката во Словачка во меѓувреме прерасна во еден од најголемите работодавци, производители и извозници во поширокиот регион.
Производствен јубилеј во европската фабрика на Киа. Во технолошки напредната фабрика во Тепличка над Вахом, во близина на Жилина, произведено е петмилионитото возило на Киа во Европа.
Славеничкото возило е светскиот бестселер на марката, Киа Спортаж, во изведба со хибриден погон. Од вкупната продукција на фабриката, од декември 2006 година до денес, половина отпаѓа токму на компактниот СУВ-модел Спортаж. Тековниот модел е веќе втора генерација на Спортаж со којашто европскиот пазар се опслужува од Словачка.
Веднаш по Спортаж, според бројот на произведени возила следи компактот Сид, што е развиен и дизајниран посебно за европските возачки и возачи. Од сите каросериски изведби што го сочинуваат семејството на Сид, произведени се преку 2,1 милиони возила. Моделското семејство се состои од комбилимузината Сид и нејзината комби изведба Сид Спортсвагон, како и од кросоверот Ексид и од спортското комби ПроСид, коешто зафаќа во премиум сегментот.
„Благодарение на нашата фабрика во Европа, во изминатите две десетлетија го зголемивме нашиот удел на европскиот автомобилски пазар за трипати,“ кажа Марк Хедрих, претседател и извршен директор на Киа Европа, за време на свеченоста.
„Исклучителниот успех на моделите Сид и Спортаж, што се произведуваат во Словачка, навистина е за одушевување. Тие повеќепати се имаат докажано како едни од најпродаваните модели во Европа – доказ за квалитетот што го достигна Киа.“
Во моментов во Киа Словачка се произведуваат по близу 1.500 примероци од моделите Сид и Спортаж секој ден. Од фабриката, што практично е во центарот на Европа, возилата се доставуваат до дилерите по железница или со камиони. Кусиот пат на транспорт се покажува како предност и за македонскиот пазар, покрај оддалеченоста од само 1.100 километри од фабриката, што влијае за транспротните трошоци да бидат пониски.
Најголеми извозни пазари за Киа во изминатите години се Велика Британија, Германија, Шведска и Шпанија. Киа Словачка продолжува да вложува милионски износи во воведување нови технологии, за зголемување на ефикасноста и за безбедноста на работниците, како и за намалување на влијанието врз животната средина.
Во фабриката работат околу 3.800 лица. Работодавците посебно се горди на тоа што просечното вработување во Киа во моментов изнесува 11 години. Една третина од работниците се од првата постава на фабриката.
Киа во Словачка произведува и мотори во посебна фабрика, во којашто досега се изработени преку седум милиони погонски единици.
Сто проценти од потребата од енергија на фабриката се покриваат со струја од одржливи извори.
















