Светот првпат ја виде Нуова Чинквеченто на 4-ти јули 1957 година. Оттогаш се појавија вкупно три генерации на иконата на Фиат, а моделот во меѓувреме почна да вози и на струја. Тоа што не се смени е привлечноста на оваа автомобилска легенда.
Фиат 500 е отелотворение на италијанската смисла за дизајн и на Долче Вита, на животниот дух во Италија во доцните 1950-те години. Секако дека Торино не пропушти да ги преточи овие 67 години на Фиат 500 во видео. Италијанската марка во видеото порачува дека Чинквеченто секој го препознава, дури и без да го носи знакот на марката.
Колку што доцните 1950-ти години во Италија од една страна се време на улично флертување и на бурни ноќни забави, толку се и време на масовна моторизација. Токму тоа е вистинското достигнување на Фиат 500. Малечкиот автомобил им се допаѓаше на луѓето, и уште поважно, им беше достапен. И економијата беше во ред. Нуова Чинквеченто, новото 500, беше препознаен како вреден автомобил и надвор од Италија, тоа стекна светска слава.
Конструктор е Данте Џакоза, кој осмисли малечок, достапен автомобил за широката публика, во времето на економскиот бум во Италија. Дизајнот на Џакоза прерасна во икона на марката Фиат и на италијанската автомобилска индустрија. Изгледот до денес остана непроменет во своите основни потези.
Секоја генерација на Фиат 500 проживуваше различен период. Во 1960-те години, првиот Чинквеченто стана културен феномен и својата марка ја издигна до врв. Следниот 500, со деби во 2007 година, донесе стил и изглед во класата на малечките автомобили, каде што обично се посветуваше малку внимание во тие подрачја. Со таков изглед, малечкиот Фиат можеше да одглуми и престижен модел, што Торино го користеше со бројни специјални серии, со цена далеку над основниот модел.
Во 2020 година се случи уште една голема револуција, затоа што Фиат 500 почна да вози како електричен автомобил. Во почетокот на 2026 година ќе биде понудена и верзија со бензински мотор, односно со благ хибриден погон. Фиат во оваа пригода првпат го откри и името, односно ознаката на моделот: Фиат 500 Ибрида.
Електричниот модел во моментов се продава во 48 држави ширум светот, вклучувајќи ги САД. Произведен во Мирафиори, во Торино, Фиат 500 Електро се докажа како еден од најбараните електрични модели воопшто на европскиот пазар. Четири од секои 10 продадени градски елеткрични автомобили во Европа се Фиат 500 Електро.
Од 1957 година се продадени преку 7,5 милиони примероци од Фиат 500.















