Веста дека Порше се подготвува да го преземе огранокот за батерии за електрични автомобили на Варта поттикна бран нагаѓања околу причините за тој потег. Уште од претходно постоеја гласини дека швапскиот специјалист за батерии се подготвува за влез во производство на литиум-јон батерии за автомобилската индустрија.
Но, таа тема се спомнуваше сé поретко во изминатите години.
Порше веќе вградува батерија од Варта
Вистинската причина за претстојната можна зделка е друга. Порше веќе вградува батерија од Варта во своите возила, иако тоа го нема наведено во соопштение за медиумите.
Станува збор за мал батериски пакет, што се користи во новиот погонски концепт за 911. Тој во претстојните денови ќе се појави во продажба во првиот хибриден 911. Батеријата има за цел единствено да ја зголеми моќноста на спортската икона.
Постојани турбуленции околу Варта
Поради тоа што во изминатите години постојано се создаваа турбуленции околу Варта, па дури се спомнуваше и стечај, Порше сега се вмешува сам за да го гарантира и стабилизира снабдувањето во следните години.
Доколку спортската марка од Штутгарт навистина ја преземе главнината од 4ВДрајв, како што е името на посебно издвоениот огранок на Варта, тоа би значело осигурување на финансиите на компанијата – на снабдувањето на батеријата за 911 Хибрид, исто така.
Варта не е исклучок
Воопшто не е исклучок некој производител да мора да се вмеша кај своите добавувачи и буквално да ги спасува од пропаѓање. Овие финансиски инјекции најчесто се појавуваат испишани со ситен текст на дното на деловните биланси, без да се наведуваат имињата и сумите, затоа што големите производители сакаат да избегнат тоа да предизвика големо внимание.
Стабилноста на ланците за снабдување се наруши по пандемијата од ковид, со слабеењето на куповната моќ, војните во Украина и Израел, како и други неизвесности.
Логистиката е најголемиот проблем
Шефот за производство на Порше, Албрехт Рајнхолд, во интервју за германските медиуми направи увид во проблематиката, не наведувајќи имиња. „Голем товар ни се непредвидливите состојби во глобалата логистика. Огромен предизвик е сите делови навреме да се добијат на вистинското место,“ кажува Рајнхолд.
„Со индустријата на добавувачите сега сме поврзани подикретно отколку во минатото. Се создаваат проблеми што се комплексни за надминување“. Точно таков е случајот со Варта.
















