
Аликс Партнерс предвидуваат дека и покрај тоа што САД се обидуваат да го заштитат домашниот пазар, кинеските производители на автомобили продолжуваат да напредуваат непречено во насока на светска доминација.
Кинеските автомобилски марки се очекува да покриваат 33 проценти од светскиот пазар во 2030 година, вклучувајќи удел од 20 проценти во Мексико, според извештајот на консултантската куќа Аликс Партнерс.
За западните производители, „не се работи само за натпревар на кинескиот пазар, туку е натпревар со кинеските производители насекаде низ светот,“ вели Марк Вејкфилд, глобален директор во автомобилскиот огранок на Аликс Партнерс.
Истражувањето наведува дека и покрај тоа што САД водат политика на трговија којашто има за цел да го заштити домашниот пазар, кинеските производители продолжуваат во насока на преземање на лидерството во светот. Нивната најсилна страна се електричните автомобили што ги имаат во понуда. Заштитничките трговски политики засега ги заштитија САД и Канада, меѓутоа кинеските производители продолжуваат да го освојуваат континентот.
Аналитичарите на Аликс Партнерс нагласуваат дека кинеските производители пуштиле цела низа најави за производство и монтажа на батериски електрични возила надвор од Кина. БИД, Чери и Грејт Вол најавија планови за производство во Мексико. БИД и Грејт Вол исто така објавија дека планираат фабрики во Бразил и во Европа, додека САИЦ, МГ, Чери, Лип Мотор и Џили најавија производство во Европа.
Сиве најави може да ги комплицираат обидите да се потисне кинеското производство.
„Со царините веројатно се купува само време и ништо повеќе,“ вели Ендрју Бергбаум, директор за автомобилскиот и индустрискиот сектор во Аликс Партнерс.
„Откако ќе отпочне локалното производство, посебно во Европа, очигледно е дека царините нема да имаат какво било значење.“
Владата на Бајден во мај ги зголеми царините за кинеските електрични авотмобили на 102,5 проценти, од 27,5 проценти претходно. Кинеските производители сепак можат да ги искористат придобивките од спогодбата меѓу САД, Мексико и Канада.
Со таа спогодба се дозволува возила од Мексико да бидат увезени во САД, без царина. Услов е 75 проценти од возилото и деловите во него да потекнуваат од Северна Америка, како и 40 проценти да доаѓаат од земја каде што платата е најмалку 16 долари за час. Владата на САД сепак има можност во 2026 година да преговара за важноста на спогодбата со Канада и Мексико.
За домашните производители, пошироката слика за светот изгледа грдо.
Аликс Партнерс цени дека уделот на кинеските марки на автомобилскиот пазар во Европа до 2030 година ќе се зголеми на 12 проценти. Во Русија, се предвидува повеќе од двојно зголемување и удел од 69 проценти. Фирмата предвидува дека уделот на кинеските марки ќе се зголеми тројно во Латинска и Јужна Америка, на 28 проценти. Четирикратно зголемување им се предвидува на пазарите на Средниот Исток и во Африка, на 39 проценти. Понатаму, за кинеските марки се очекува удел од над 30 проценти во Јужна Азија и Југоисточна Азија, од само 3 проценти во 2024 година.
Домашните марки во моментов покриваат 59 проценти од пазарот во Кина. До 2030 година, тој удел треба да се зголеми на 72 проценти.
„Тоа за нас, за странските компании, значи дека пазарот во основа ќе ни се скуси,“ вели Вејкфилд.
Кинеските производители искористија неколку големи придобивки. Масивните субвенции од владата им овозможуваат да понудат возила по мошне ниски цени. БИД Сигал чини помалку од 11.000 долари. За споредба, просечната цена по којашто во април се продавале електричните автомобили во САД изнесува 55.242 долари, повикувајќи се на Кели Блу Бук.
Тоа што Аликс Партнерс го опишува како „прекучасовна култура“ во Кина, им овозможува на компаниите да пуштаат во продажба нови модели и да ги освежуваат побрзо отколку нивните ривали од преку океанот. Некои компании за снабдување со суровини за батерии се обвинуваат дека користат присилна работа.
Производителите на автомобили во Кина имаат долгогодишно искуство во производството на електрични возила, и тамошните купувачи имаат понапредни ставови и барања од софверските функции, во споредба со граѓаните на САД. Кинескиот автомобилски екосистем е создаден од нула, за да подржува батериски електричен погон и освежување на софтверот во возилата по пат на податочен облак. Моделите од марките што не се од Кина, на пазарот се во просек по 5,4 години. Кинеските батериски електрични и хибридни модели се на пазарот во просек по 1,6 година, наведуваат Аликс Партнерс.















