Кризата на средните години е вистинска, тоа не е само резервна филмска тема кога холивудските продуценти ќе пропуштат добро сценарио. Таа влијае главно на тој начин што човек почнува да прави и посакува работи што претходно не му значеле. Кај автомобилите, кризата обично се преточува во купување скап и дречлив спортски автомобил. Тоа е голем трошок, фрлени пари. Затоа, Тојота РАВ4 со приклучен хибриден погон е сигурно вложување.
Kој уште не го помни црвениот Понтијак Фајербирд на Лестер од холивудската „Убавина“ од 1999-та? Осум Оскари, не за шминка и костум, туку за ликови. Кевин Спејси верно го пренесе предизвикот на кризата на средните години, при што Фајербирдот беше најмалиот проблем. Таа дрежлива машина, опишана како „отсекогаш сум ја посакувал, а сега ја имам“, беше гласна манифестација на кризата на Лестер.
За човек на улица да не стане тема за оскаровско сценарио, може да се реагира навреме. Тојота РАВ4 плаг-ин хибрид е Тојота и РАВ како сите пред неа, но е воедно и спортски автомобил. Со системски 306 КС и шест секунди за спринт до темпо сто, таа е Фајербирд сокриен во господско домаќински автомобил. Времињата денес се други, не смее човек туку така да се става на толкав трошок, да купува Фајербирд.
Затоа, оваа плагин-хибридна Тојота е „вложување во заштеда“. Спортскиот автомобил како на Лестер, тука веќе е вклучен во цената, со попуст за сé во едно. РАВ4 со спортски 306 КС е безбеден избор меѓу другото и поради тоа, што човек сигурно нема да сака средината утре да го помни по дречливиоот и гласен спортски автомобил, што го возел во кризните времиња. Претпазливост е тоа.
Во вистинскиот свет, ниту Тојота, ниту РАВ4, ниту хибридниот погон, не се поврзуваат со вонредни ментални состојби. Напротив, многу е здраво да се изберат оваа марка, овој модел, овој погон. Тојота РАВ4 плаг-ин ибрид, што значи со приклучен хибриден погон, може сé што пред неа умееја – и сé уште можат, тоа е сепак Тојота – повеќе од десет милиони продадени примероци од моделската серија.
Од вкупно продадени 87.582 примероци од РАВ4 лани во Европа, 18.319 биле токму во изведбата со приклучен хибриден погон. Останатите се главно самополнечки хибриди, на чисти бензинци отпаѓаат помалку од 10 проценти.
Разликата меѓу РАВ4 со самополнечки хибрид, значи класичен погон со две срца на Тојота, каков што светот го познава одамна, и овој РАВ4 со приклучен хибриден погон, не е само во додавањето приклучок, за батеријата да се приклучи за полнење на „штекер“. Разликите почнуваат уште во моторот, односно вистински, главната разлика е во моторот.
Тоа е истиот 2,5-литарски блок на моторот од генерацијата „Дајнемик Форс“, меѓутоа сé понатаму е различно. Два системи за впрскување го снабдуваат моторот со гориво, директен и индиректен. При пониски вртежи и умерено оптоварување, горивото прво се впрскува преку прскалките што се поставени во вшмукувачката гранка, со што се постигнува порамномерно распределување на смешата во коморите за согорување. Потоа следи впрскување гориво во самите комори за согорување, за смешата да се збогати веднаш под свеќичките за палење. Така се постигнува ниска потрошувачка, во комбинација со солидна моќност. При повисоки вртежи, горивото се впрскува само директно, што пак има други предности.
На тоа се надоврзуваат уште променливо време на отворање на вентилите во вшмукувачкиот и издувниот тракт – со повеќе фази на отворање на првиот – како и степен на компресија од 14,0:1 како на тркачки мотор, а тоа пак во комбинација со еткинсонов начин на работа, за сé да се заврши со колку може помалку гориво.
Затоа разликата меѓу овој мотор во „дупло-хибридната“ РАВ4 со моторот во „стандардно-хибридната“ изведба не се сведува само на 5 киловати, односно седум КС екстра, и на 227 место 221 њутнметри, туку станува збор за мотор со сосем различен карактер.
Следната разлика е во електромоторот напред. Наспроти 88 кВ (120 КС) кај стандардниот модел, тука се сервираат 134 кВ (182 КС) и 270 њутнметри (стандардно 202 њутнметри).
Погонот има и трет чинител, електромотор од 40 кВ (54 КС) назад, за којшто Тојота не ја наведува вредноста на вртежниот момент, но веројатно станува збор за преку 120 њутнметри, имајќи предвид дека во стандарндиот РАВ4 со погон на сите тркала, назад работи електормотор со 60 КС и 121 њутнметар. Моќнсота во КС во овој случај не е меродавна, тоа што се брои е вртежниот момент.
Големината на РАВ4 со приклучен хибриден погон е во тоа што таа е извонредна во секоја улога, вклучувајќи ја и новата улога, на спортски автомобил. Шест секунди до темпо сто во автомобил во којшто повеќето гледаат само „штедлива“ машина, секако дека претставуваат откровение, одушевување. Двотонскиот СУВ забрзува без задршка, многу посуверено од повеќето негови современици, од чијшто 200 КС, луѓе се пресреќни. Тука се 306 КС и вртежен момент што класичните категории на меѓузабрзување од 60 до 100 и од 80 до 120 километри на час ги изведува божем стартува во „прва“.
Ја погледнавте репортажата од возењето на Кожуф?
Исто колку што е добра спортска машина, толку дуплохибридната РАВ4 е добра и како електричен автомобил. Од една страна одушевува тоа што 75-те километри на струја се сосем достижни, без ограничувања во динамиката. Но, тоа што е поважно, тоа е вградениот сопствен полнач – моќен полнач со 6,6 кВ, што значително го скусува времето кога батеријата ќе се приклучи на обичен домашен штекер. Досег од 75 километри се добива по осум часови, буквално преку ноќ.
Доколку човек е расположен и ги извози 75-те, или колку било километри на струја, возењето потоа си продолжува со класичен хибриден погон. Затоа, возењето на струја тука не е присила, туку е избор, задоволство.
Тојота РАВ4 на штекер за луѓе што сакаат успехот во животот да го возат
Тоа воедно ја објаснува и целната група на којашто Тојота ѝ го сервира овој хибриден знаменосец. Возењето РАВ4 „на штекер“ е работа на престиж, на лична желба, на стремеж за човек да се награди кога ќе постигне нешто што му е вредно во животот и сака да го вози тој успех. Идејата не е да се штеди, туку да се ужива во тоа што оваа Тојота може сé. Вистина е дека таа чини близу 60.000 евра, но тоа е димензијата на успехот. Треба да се успее за ваква Тојота да се стави во своја сопственост.
Како и секој нов тест на Аутомедиа, сите подробности за тестот може да се погледнат во видеото долго еден час, на каналот на порталот на Јутјуб
Тојота РАВ4 Плаг-ин Хибрид Стајл во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар
https://avtosalon.mk/listings/toyota-rav4-plug-in-hybrid-style/















