
Производителот на автомобили од баварскиот Инголштат вложува околу една милијарда евра во својата фабрика во Мексико. Во Сан Хозе Чиапа во иднина ќе се произведуаваат електрични автомобили. Веста ја соопшти владата на сојузната држава Пуебла, каде што се наоѓа фабриката.
Со почетокот на производството на електрични автомобили, во фабриката во Мексико ќе се отворат 500 нови работни места. Ауди веќе почна да ги поставува потребните машини.
Ауди Ку 8 е-трон ќе почне да се произведува во 2027 година.
Во 2027 година во фабриката ќе почне производството на наследничката на Ку 8 е-трон. Шефот за производство Герд Валкер го соопшти тоа уште во февруари. Конечната одлука ќе се донесе наесен, кога одборот на концернот Фолксваген ќе заседава околу новите планови. Фабриката во исто време се подготвува и за наследничката на тековната Ку 5, којашто и натаму ќе се нуди во изведби со мотори со внатрешно согорување.
Ауди од 2016 година произведува автомобили во Сан Хозе Чиапа, во мексиканската сојузна држава Мексико. Фабриката вработува повеќе од 5.000 лица, а дополнителни 20.000 работни места се поврзани со погоните на добавувачите, што испорачуваат делови за фабриката, како и со други деловни подрачја што посредно работат за неа.
Пред една година оттаму излезе едномилионитото возило. Ауди во Мексико го произведува Ку 5, што главно се извезува во САД. Компанијата профитира од спогодбата за слободна трговија, што овозможува возила произведени во Мкеиско да се увезуваат во САД без царини.
Ауди се соочува со низа потешкотии. Патот во ерата на електричните автомобили се покажа многу нерамен. Уделот на електрiчните автомобили на Ауди во продажбата на овој вид погон во Германија изнесува само 8,5 проценти. Тоа е далеку под просекот од сите производители, којшто изнесува 12,6 проценти. Мерцедес достигнува удел од 12,3 проценти, додека кај БМВ се дури 18 проценти.

Ку 6 е-трон носи нови надежи
Со големо задоцнување, неодамна беше претставен новиот Ку 6 е-трон, којшто е конструиран врз новата платформа ППЕ. Ауди вложува големи надежи во овој автомобил. Истото важи за А6 е-трон, што исто така ќе биде претставен годинава. Дали тоа е доволно за во следните години да им се парира на Ное Класе на БМВ и на планираните е-автомобили од Мерцедес-Бенц, многу е неизвесно.
Продажбата на електричните автомoбили на Ауди по години
Година |
Продадени електрични возила |
| 2019 | 46243 |
| 2020 | 46913 |
| 2021 | 81875 |
| 2022 | 118196 |
| 2023 | 178000 |
| Q1 2024 | 35630 |
Електричните автомобили во САД генерално се прифатени послабо отколку во Европа. Пикапот Форд Ф-150, на пример, одвај се продава. Теоретски, автомобилите што ќе се произведуваат во Мексико може да се извезуваат ширум светот. САД како директен сосед и втор најголем автопазар се најблиската цел.















