Новата компанија ќе произведува и развива мотори со внатрешно согорување за автомобилските марки од двата концерни. На тој начин ќе може повеќе ресурси да се насочат кон електричниот погон.
Групацијата Рено и Џили ја финализираа заедничката компанија Хорс, што ќе развива и произведува мотори со внатрешно согорување и хибридни системи. Намерата е двете компании на тој начин да ја зголемат својата конкурентност во традиционалниот автомобилски бизнис и воедно да ослободат ресурси за електрификацијата.
Заедничката компанија има цел да произведува штедливи бензински мотори и хибридни системи, во време кога соперничките концерни ги зголемуваат вложувањата во мотори со внатрешно согорување со ниска штетна емисија, како одговор за забавената продажба на електрични возила.
„Комбинацијата од разновидни погонски технологии е неопходна… за да се постигне успешна декарбонизација во светот во којшто повеќе од половината произведени возила во 2040 година уште ќе се потпираат на мотори со внатрешно согорување,“ објавија Рено и Џили во заедничкото соопштение во петокот.
Заедничката компанија со учество 50:50 е клучен дел од намерата на Рено да остане во трка против поголемите конкуренти, преку потпишување голем број партнерства, со цел да се скусат трошоците и да се добие пристап на нови пазари.
Со издвојување на својот бизнис со мотори со внатрешно согорување, Рено повеќе ќе се насочи кон електричните возила. Тоа е дел од сеопфатното реорганизирање на француската фирма, што вклучува промени и во повеќедеценискиот сојуз со Нисан.
За Џили, со овој договор се шири мрежата од партнерства што овозможуваат компанијата да се шири надвор од својата база во Кина. Концернот што меѓу другото ги поседува Волво, Лотус, Смарт, располага со сопствен бизнис со мотори со внатрешно согорување, што ќе се вклучи во Хорс.
Седиштето на заедничката компанија на Рено и Џили ќе биде во Лондон. Таа ќе ги снабдува со мотори марките Волво, Рено, Дачиа и Нисан, како трета страна. Рено неодамна потпиша договор за снабдување на турскиот производител на автобуси и камиони Абаш со мотори од Хорс.
Се очекува дека бизнисот ќе достигне годишен промет од 15 милијарди евра и производство на пет милиони мотори годишно.
Матијас Џанини ќе биде извршен директор на Хорс, додека извршниот директор на холдингот Џили, Даниел Ли, ќе биде претседател на управниот одбор. Џанини е поранешен директор за глобална продажба во Витеско Технолоџис, огранок за производство на мотори што се издвои од Континентал.
Конечното стапување на договорот на важност требаше да се случи во почетокот на годината, меѓутоа добивањето одобрение од кинеските власти беше одложено најмалку трипати.
Тојота во минатата недела исто така објави дека развива нова генерација мотори што ќе се користат во хибриди и возила со ниска емисија на штетни гасови, додека кинески БИД најави нова хибридна технологија со пониска потрошувачка на гориво.
















