Прекинот на преговорите значи дека Фолксваген веројатно ќе мора самостојно да развива сопствен електричен модел со достапна цена. Рено ќе продолжи со развојот на елеткричен Твинго, што треба да почне со продажба во 2026 година.
Ампер, огранокот на Рено за електрични возила, чијшто проект е Твинго, не ги коментира објавите околу прекинатите преговори. Исто и од Фолксваген не одговорија на барањето на Аутомотив Њуз, меѓутоа нивни претставници посочија дека компанијата уште ги истражува можностите за евтини ЕВ.
Двете компании се надеваат дека соработката ќе помогне да се скусат трошоците, што е главна пречка, за европските производители да можат да се спротивстават на поевтините модели што доаѓаат од Кина.
Компанииите „не успеаја да постигнат договор“ по неколкумесечни преговори, додава еден од изворите.
Друг извор кажува дека било многу блиску до потпишување договор, меѓутоа Фолксваген ги напуштил преговорите и решил сам да развива евтин електричен модел.
Извршниот директор на Рено, Лука де Мео, на салонот во Женева во февруари, потврди дека францускиот производител води преговори со Фолксваген, за заеднички да се развива евтин батериски електричен автомобил за Европа.
Де Мео исто така напомена дека разговарал и со други можни партнери, без да ги именува. Рено ќе продолжи да напредува со проектот, било со или без партнер, кажа де Мео во Женева.

Рено има намера новиот Твинго да го пушти во продажба уште во 2026 година, со цена до 20.000 евра.
Извршниот директор на Фолкисваген, Томас Шефер, претходно соопшти дека се отворени за партнерства, што ќе овозможат за новиот малечок ЕВ да се постигне цена под 20.000 евра. Германскиот производител во моментов заостанува во трката, да се пуштат во продажба мали електрични автомобили по цена слична со моделите со мотор со внатрешно согорување, за тој дел од пазарот да не им се препушти на кинеските производители, што надоаѓаат во Европа со евтини електрични возила.
















