Мерцедес В-Класа и Вито ’24: Секој превоз е со класа

Основата е иста, разликата меѓу Мерцедес-Бенц В-Класа и Мерцедес-Бенц Вито е само во бројот на турите. Додека секојдневиот Вито ќе извози и по пет тури на ден и патниците секако ќе треба да платат соодветен надомест за услугата за превоз, патниците за возењето во луксузната и несекојдневна В-Класа веројатно нема да платат ниту денар. Тоа е целата суштина на овие две возила што ги соединува „само“ ѕвездата.

Различна им е природата на овие ванови на престижната германска марка. Вито директно им носи заработка на компаниите и таксистите, таа е работна алатка, фирма на тркала. Наспроти тоа, В-Класа обично вози за луксузни и скапи ланци хотели, ресорти, задолжително се чуваат во резерва кај рентакар компаниите за посебни пригоди, за важни конференции и конгреси, кога организаторот или самиот хотел треба да ги одушеви своите клиенти или гости преку В-Класа. Тоа значи, овој луксузен ван работи за бизнис што веќе постигнува голема добивка.

Секоја од двете варијанти на ванот од средината на понудата на Мерцедес-Бенц е најдобра за својата намена. Швабите, патем, ја имаат единствената премиум марка што произведува и продава ванови. Ниту Ауди, а уште помалку БМВ, не можат да постигнат добивка во овој бизнис што е далеку од мал, а многу е исплатлив. Амбициозните Кинези не случајно сакаат да зафатат во делот на В-Класа и Вито, па во меѓувреме и Лексус се јавува со ексклузивниот ЛМ.

Различната природа на двата ванови на Мерцедес-Бенц можеше да се забележи многу јасно, преку двата ексклузивни салонски примероци, со коишто Мак Аутостар го одбележа почетокот на продажбата на освеженото моделско годиште на В-Класа и Вито во Македонија.

В-Класа на видеото е во изведбата В 300 д со постојан погон на сите тркала 4Матик. Деветстепен автоматски менувач е стандард, убедува и моќноста од 237 КС. Тоа што дополнително ѝ дава посебност на оваа В-Класа е додадениот пакет АМГ. Со тоа, ванот е браник до браник со Е-Класа или со ГЛЦ. Каросеријата е во продолжената изведба, што со 5,14 метри е за 24,5 сантиметри подолга од стандардната изведба. Постои и посебно долга изведба, што додава до 5,37 метри.

Сцената уште одамна ја познава В-Класа како С-Класа меѓу вановите

Кожата во изведбата Авангард на салонскиот примерок е стандард, што изгледа отмено во светлата беж боја. Електрика и меморија на предните седишта, вентилација и греење, аудио систем Бурмештер, МБУКС систем – многу нешта ја приближуваат В-Класа до лимузините на Штутгарт. Не е ново тоа што сцената уште одамна ја цени В-Класа како С-класа меѓу вановите. Тоа се огледува мошне верно кај овој „автомобил“.

Покрај пакетот АМГ, што вреди близу 5.000 евра и меѓу другото содржи маска со ѕвезди, спортски браници, прагови со хромирани лајсни, па и кровен спојлер, и секако тркала АМГ, во овој препознатливо ексклузивен примерок има и електрична помош за двете странични врати и за багажникот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Мерцедес-Бенц има уште цело изобилство од ставки што може да се изберат, меѓу кои пневматска амортизација Ерматик – заедно со самостојно спуштање на возилото по автопат, дисплеј место внатрешен ретровизор, затемнети задни стакла, вентилација за вториот и третиот ред седишта, па и директорска фотелја, со масажа, амбиентално осветлување и можност за залегнување, што секако и чини преку 5.000 евра.

Цена од преку 100.000 евра не е исклучок кај врвните изведби на В-Класа. Може единствено уште еден чекор погоре отколку во салонскиов примерок во Мак Аутостар, а тоа е директно да се посегне по изведбата Ексклузив, што е препознатлива и по маската во стил со лимузините на Мерцедес-Бенц, каде што сите ставки се веќе вклучени – заедно со ѕвезда на хаубата.

Тоа што В-Класа и Вито не отстапуваат и во конективноста од лимузините на марката, доаѓа од моделското освежување. Од јануари почнаа да се испорачуваат примероците од новото моделско годиште, со зафати и во надворешниот изглед и во внатрешноста. Маската е сменета (со можност да биде обрабена со светлечка лента), браниците се повпечатливи, назад е додадена хромирана лајсна со мошне убедлив натпис Мерцедес-Бенц, задните светла исто така се сменети.

⇒ До видеото од изведбата Марко Поло што неодамна имаше премиера во Мак Аутостар

Диодни приспособливи светла се стандард уште во Авангард, а значително е збогатена и сериската опременост во сите нивоа. Луксузот секако дека се чувствува во кабината, и во изгледот и во животот во неа. Кокпитот е сменет заради двата дисплеи од по 12,3 инчи (31,24 сантиметри) под заеднички панел, нови се и воланите, а и отворите за воздух се лимузински. Промени има и во средишната конзола, со можност за безжичен полнач за телефон.

Системот МБУКС исто така е стандард во целата гама на В-Класа, што меѓу другото ги подразбира и прочуените гласовни команди „Еј Мерцедес“. Целиот овој инфо-забавен систем е унапреден во споредба со претходниот модел, вклучувајќи и побрзи процесори. Збогатени и унапредени се и системите за асистенција.

Сé кај В-Класа во чекор ги следи промените што се случуваат кај лимузините на Мерцедес-Бенц, од МБУКС, преку системите за асистенција, до целта за луксузот да се подигне на следното ниво.

Од сето тоа профитира и Вито, главно во „хардверот и софтверот“ коишто ги дели со престижната В-Класа.

За сите промени во новото моделско годиште во целата гама ванови на Мерцедес-Бенц може да се прочита повеќе на Ново моделско годиште на Вито и Спринтер

Претходна објаваВрвна прецизност и динамика: претставен новиот Кајен ГТС
Следна објаваРено очекува новите модели да ја качат продажбата во ’24, прометот е пораснат за 1,8%

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here