Тесла мора да го отпушти секој десетти вработен

Фирмата на Илон Маск побарала управителите да ги издвојат важните членови на тимот, ги паузирала премиите од акциите и им го откажала годишниот состанок на дел од вработените.

Според објавата на порталот за технологија Електрек, компанијата предводена од Илон Маск побарала управителите да ги изберат клучните членови во тимот, ја запрела исплатата на премии од акции и го откажала годишниот состанок со дел од вработените. Електрек додава и дека производителот на електрични автомобили од САД ја скусил продукцијата во својата гигафабрика во Шангај.

Најголемиот производител на автомобили во светот, барем според пазарната вредност на компанијата, во декември располагала со работна сила од 140.473 лица ширум светот, според последниот годишен извештај. Планот е да се отпуштат околу 15.000 работници.

„Додека ја подготвуваме компанијата за нашата следна фаза на раст, од исклучителна важност е да се провери секој аспект на компанијата, за смалување на трошоците и за зголемување на продуктивноста,“ пишува Електрек, наведувајќи ја изјавата на Маск во интерен документ.

Тесла треба на 23-ти април да ги објави финансиските резултати за првото тромесечје од годинава. Продажбата во периодот од јануари до март е намалена во споредба со истиот период лани. Тоа се случува првпат во последните четири години и спротивно е од очекувањата на пазарот.

Компанијата во меѓувреме ги откажа и плановите за производство на евтин модел. Со тоа, Тесла напушти една од најстарите цели на извршниот директор Маск, да се произведува електричен автомобил што ќе биде достапен за најширок круг купувачи.

По неколку години брз раст, што овозможи Тесла да стане највреден производител на автомобили во светот, компанијата се соочува со забавување во 2024 година.

Фирмата на Маск доцни со обновувањето на својата понуда од модели. Во исто време, високите камати го смалија апетитот на купувачите за скапи набавки. Како врв на сé, соперниците во Кина, најголемиот пазар за ЕВ во светот, излегуваат со серии нови и поевтини модели.

Тесла бара начини да ја зголеми маржата, којашто е значително намалена по големите поевтинувања на моделите на марката.

Вкупната маржа изнесуваше 17,6 во последното тромесечје лани, што е најниска вредност во последните четири години.

Тесла лани во февруари отпушти 4 проценти од својата работна сила, во рамки на проверката на сработеното и пред вработените да се здружат во работнички синдикат.

Претходна објаваСмарт Форту повеќе не се произведува, Мерцедес и Џили работат на наследникот
Следна објаваПежо Е-3008 освои награда за дизајн Ред Дот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here