
Малечкиот двосед што смени многу на автомобилската сцена повеќе не се произведува. Завршетокот на производството на Смарт Форту беше предвиден уште пред 2019 година, кога Мерцедес-Бенц основаше партнерство со кинески Џили, за марката Смарт.
Во минатата година, Мерцедес ги прими последните нарачки за двоседот. Британскиот концерн Инеос, што ја купи фабриката во Хамбах и таму го произведува својот теренски модел Гренадир, кусо пред католички Божик го произведе последниот примерок од Смарт Форту.
Клучниот фактор за престанокот на производството на Смарт Форту беа новите закони со коишто автомобилите треба да бидат безбедни и од хакерски напади, а стануваат задолжителни и бројни системи за асистенција, за подобрување на возната безбедност. Како и кај повеќето други марки, во Смарт не им се исплатеше да вложат за системите да се вградат во Форту и го прекинаа проиизводството на моделот.
Веќе извесно време се работи на наследникот во рамките на „Проект Ту“. Двоседот што ја имаше својата премиера во 1997 година, имаше тежок почеток, откако беше осмислен од Николас Хајек, таткото на Своч. Дури откако Мерцедес-Бенц целосно го презеде моделот, почна успехот. Смарт Форту беше далеку пред своето време, уште кога никој не знаеше за кар-шеринг. „Салони“ беа стаклени кули. Во Европа се продадени преку два милиони примероци.
Со „Проект Ту“ се отпочна лани во кинески Хангџоу и се работи под полна пареа. Идниот Смарт Форту ќе користи нова платформа за малечки електрични автомобили, што се означува ЕЦА – од електрична компактна архитектура.
Истата платформа ќе ја користи модел што ќе биде позициониран под сегашниот Смарт #1, којшто е СУВ од градска класа. Секако дека техниката ќе ја користи и Џили за своите модели, а постои и расположение за истата да им се продаде на други производители.

За дизајнот и натаму се задолжени главниот дизајнер во целиот концерн Горден Вагенер и неговиот колега Каи Зибер. Почетокот на производството може да се очекува дури за три или четири години. Името исто така не е утврдено и можно е наследникот да се појави под друго име. Намерата во секој случај е идниот модел да биде исто толку необичен како што е Смарт Форту.
Во должината од 2,70 метри и во двете седишта не се планираат промени. Досегот би требало да е најмалку двојно подолг во споредба со сегашниот електричен Форту.
Добрата вест за европската индустрија е тоа што менаџментот размислува производството да го задржи во Европа, иако партнерот е од Кина. Повеќе од 80 проценти од досегашната продукција се продадени во Европа и тоа ќе биде решавачко и за идниот модел.















