
Министерот за надворешна трговија на Кина, Ванг Вентао, одржа средби со претставници од преку 10 компании, вклучувајќи ги Џили и БИД.
Кинескиот министер за надворешна трговија го отпочна своето патување низ Европа и одржа средби со менаџментот на Џили, БИД и на производителот на батерии Катл. Тоа е дел од подготовката за разговорите околу тековната истрага, што ЕУ ја отпочна со цел да утврди дали кинеската индустрија на електрични возила добива недозволива парична и друга помош од државата.
Ванг Вентао во неделата одржа средба на тркалезна маза во Париз, со претставници од преку 10 компании, вклучувајќи го Џили. Тоа се наведува во соопштението што денес го објави Мнистерството за надворешна трговија.
За време на средбата, министерот го нагласи ставот на Пекинг, дека кинеските производители на електрични автомобили не се потпираат на субвенции, за да добијат конкурентска предност. Тој кажа и дека обвинувањата од САД и Европа, за „прекумерни капацитети“ се неосновани.
„Кинеските компании за електрични возила се потпираат врз постојана технолошка иновација, совршена продукција и систем од добавувачи, и целосна пазарна конкурентност за брз развој, и не користат субвенции за да добијат конкурентска предност,“ изјави Ванг.
Ванг кажа и дека кинеската влада активно ќе ги подржува компаниите, за да ги заштити нивните легитимни права и интереси
Четири извори кон завршетокот на март ѝ соопштија на новинската агенција Ројтерс дека средбата на Ванг ќе се сосредосточи на истрагата на Европската Комисија, што започна лани. Доколку се утврди прекршување на правилата за фер конкуренција, ЕУ ќе воведе дополнителни царини за да ги заштити европските производители.
Кина е во значителна предност пред европските компании во развојот на електрични возила, првенствено во сегментот на најдостапниот ценовен сегмент.
Истрагата треба да заврши до ноември, иако ЕУ може да воведе повисоки царини и порано од тоа.
Еден од новитетите во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар
Ванг во неделата требаше да одржи средба и со извршниот директор на Рено, Лука де Мео, кој е воедно и претседател на европското здружение на производители АЦЕА.
Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер најави дека во понеделник ќе одржи разговори со Ванг.
Министерката за финансии на САД, Џенет Јелен, во моментов е во Кина, каде што изјави дека расте глобалната загриженост за прекумерниот индустриски капацитет на Кина, забележувајќи дека тоа не е здраво за Кина и им наштетува на производителите во останатите земји.















