
Зошто овој спортски Алпин А110 во салон, во историската сина боја, најверно ја означува пресвртницата во видот на погонот? Затоа што наесен првите сопственици на електричната и ретро Рено 5 ќе дојдат тука да си ги земат своите автомобили. Во меѓувреме, Алпин А110 има улога да го означи врвот на чистата бензинска ера во француската марка.
Вистинската слика за раздвижувањето на автомобилската сцена какво што не е доживано сто години наназад може деновиве да се доживее во салонот на Рено. Пред салонот чека 100% електричен МеганЕ, лево по влегувањето поздравува портокалов Меган РС Ултиме, чисто бензински, а десно е една појава што вистинските познавачи на автомобилската сцена ќе ги изненади најпријатно. Еден автомобил што мајсторски си го користи бензинот.
Тоа е Алпин А110 ГТ, една од четирите варијанти на спортското купе што ги нуди ексклузивната француска марка. ГТ е златната средина меѓу стандардниот А110, нагласено спортскиот А110 С и тркачкиот А110 Р. Има и безброј специјални серии од моделот, само неколку од нив: Енстоун Едишн, Леман, Сан Ремо 73, Тур де Корсе 75, Жан Редел. Така се стекнува вистинска претстава колку овој автомобил ѝ значи на сцената, и секако на француската марка.
Денешниот А110 е продолжение на историското поглавје што во 1960-те го напиша првиот А110, од ерата на Жан Редел, основачот на Алпин, пред таа да стане дел од Рено. Во оваа сина боја веднаш се појавуваат сликите од А110 од рели трките. Алпин двапати се искачи на подиумот на релито Монте Карло, во 1971 и 1973 година.
Алпин А310 од 1970-те, Алпин ГТА од 1984 и Алпин А610 од 1991 година се колекционерски примероци и љубоморно се чуваат. Легендата Џереми Кларксон го кажа своето за А610
Кога новата А110 од ерата на Рено ќе се погледне во салон, ниска и компактна, станува јасна мисијата на овој автомобил. Тој е создаден да биде лесен, подвижен, брз, управлив, Алпин. Многу е тешко да се најде моторот на ова купе. Кој сака да се направи важен и да покаже дека знае оти моторот сигурно е назад, кога ќе го отвори малечкиот заден поклопец наидува само на малечок простор, што е малку поголем од касетата пред совозачот во обичните автомобили.
Истиот исход следи и по отворањето на предниот поклопец. Каде е тогаш моторот на А110? Во средина, поточно веднаш зад задната оска. Само каналите што се веднаш зад страничните прозорци укажуваат дека тука има нешто што има потреба да му се донесува воздух. Истата задача ја имаат и ребрата под задното стакло. Уште еден преграден панел се наоѓа зад седиштата. Тоа е заштита за врелиот воздух од моторот да не пробива директно во кабината.
Волшебната комбинација е 1.119 килограми, со 300 КС, за 4,2 секунди спринт до темпо сто. Тоа што не се мери со бројки е уживањето и посебниот карактер што болидов со средишно вграден мотор и искуство на инженерите на Рено во мотоспортот го прикажува во возењето.
За ниската тежина е заслужна алуминиумската каросерија. Уште една посебност е соединувањето на каросеријата со подната структура преку заковки и варови. Така се постигнува екстра крутост, без да се додава премногу на тежина.
View this post on Instagram
Сé е во знакот на ниската тежина, и алуминиумот за водилките во подвозјето, и лесната конструкција на седиштата и на тркалата.
Седумстепениот менувач со двојна спојка менува степен за 260 милисекунди. Тоа е одвај повеќе од четвртина секунда.
Насекаде по возилото се открива по некој детал што го прикажува името Алпин. Во Рено си ја обожуваат оваа марка. Фановите исто така.
Алпин останува актуелна и во ерата на елеткромобилноста. Кога Рено ќе почне да ја продава електричната „Суперчинкуе“, Алпин ќе ја додаде својата 290 Бета, исто така чисто електрична. На традиционалистите од тоа им станува јасно. Оваа Алпин 110 ГТ е (бензинска) пригода што не се пропушта. Секако треба да се смета и на цена од преку 100.000 евра.















