Една од 1976: Мегане РС Ултиме на Аутоштрасе

Рено изработи само 1.976 примероци од Мегане РС Ултиме, тоа е годината во којашто е основан Рено Спорт. Еден примерок од ексклузивната и историска серија на Мегане се најде во сосем природна средина на македонскиот дом на француската марка. Многу нешта околу мотоспортот и брзите автомобили се поврзуваат со таа адреса, затоа има и посебно значење овој „Ултиме“.

Овој Меган во тоник-портокалова боја во салонот на Рено означува едно важно историско поглавје. Тоа е последниот модел на Рено што го носи логото Рено Спорт, односно РС. По Меган РС Ултиме, сите идни модели со спортски перформанси на Французите ќе го носат името Алпин.

Шефот Лука де Мео ја организира марката Рено од ново и се збогува со подмарката автомобили со високи перформанси Рено Спорт, под којашто се појавија низа модели РС. Следните брзи модели што се поврзуваат со наследството на Рено во мотоспортот ќе го носат името Алпин, на новото спортско одделение на францускиот производител.

Основата за РС Ултиме ја дава веќе ексклузивниот модел Меган Трофи. Познавачите нема да имаат потешкотии да го препознаат ексклузивецот и без да го прочитаат името. Ултиме е изработена во четири бои: Црна со бисерен ефект, бела со бисерен ефект, тоник-портокалова како салонскава, и уште сириус жолта.

Масивно проширените крила ja откриваат Ултиме

На предните врати јасно се забележува графиката во мат црна боја, којашто зафаќа и во крилата, како и во задниот браник. Спојлерите додаваат не премногу нагласена агресивност, а за посебноста на моделот говори и издувот што завршува во средината.

Предните крила се проширени за 60 милиметри, задните за 45 милиметри. Контраст создаваат деталите во сјајна црна боја, вклучувајќи ги рачките на вратите, разни логоа, задниот дифузор, рамките на прозорците. Секако дека тоа е бојата и на тркалата и завртките.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Скапите школкести седишта Рекаро се подразбираат. Тие се обложени со алкантара во боја на титаниум, секако со лого РС. Името Ултиме е напишано крупно на праговите. Серискиот број на секое од возилата во лимитираната серија е напишан на посветена плочка, со потпис на Лорен Ургон, главен возач за развојот на моделите во Рено. Тој е човекот што со Меган РС постави рекорди на Нирбургринг, Сузука и Спа Франкоршамп.

Опременоста е целосна, единствено што Рено има оставено да се доплати се стаклен покрив и проекциски дисплеј. На колекционерите што ќе се грижат за својата Меган РС Ултиме може да им се испорача и церада по посебна нарачка.

Во поглед на погонот, механиката е истата со Меган РС и РС Трофи, односно тоа е познатиот дволитарски турбо со 300 КС и 420 њутнметри. Спринтот до темпо сто, во комбинација со 6-степен менувач со двојна спојка, трае 5,7 секунди. Гуми полуслик Бриџстоун Потенца С007 на тркала од 19 инчи се стандард, исто како и композитни сопирачки Брембо со црвени шепи и динамично управување на сите тркала. Тоа што Ултиме ја прави посебна не е „само“ силата, туку повеќе е дотерувањето што влече корени од мотоспортот.

Цената е далеку над 50.000 евра.

Претходна објаваГерманските производители демантираат дека ќе се откажувало збогувањето со моторите
Следна објаваСтелантис им се придружува на Тојота и Фолксваген, вложува милијарди во Бразил

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here