Мерцедес најавува следно поглавје на веќе одамна одомаќениот систем МБУКС во своите возила. На саемот за електроника ЦЕС во Лас Вегас, што почнува за десетина денови, луксузната марка ќе прикаже како функционира МБУКС во комбинација со вештачка интелигенција.
Вештачката интелигенција е голема тема во марката од Штутгарт. Оттаму неодамна јавија дека вработените користат вештачка интелигенција при внатрешната комуникација, за побрзо и попрегледно да ги составуваат пораките, соопштенијата, сите видови информации што се разменуваат во рамките на една светска корпорација. Секое искуство со вештачката интелигенција е вредно за менаџментот.
Не се сведува сé само на внатрешна комуникација, туку нештата во меѓувреме напредуваат и во самите автомобили. Мерцедес за големиот саем за потрошувачка електроника во Лас Вегас, прочуениот ЦЕС, подготвува „МБУКС виртуелен асистент со поддршка од КИ, којшто врската меѓу возачот и возилото ја води во нова димензија, преку природна интеракција, што е блиска со интеракцијата на човек со човек.“
Тоа е по малку посложено да се разбере отколку во времето кога производителите најавуваа дека ќе престават автомобил со преку 1.000 КС, или по ново, електричен автомобил од сериско производство што постигнува досег од преку 1.000 километри, меѓутоа е сосем извесно дека вештачката интелигенција станува голема тема во возилата на Мерцедес-Бенц. Тоа е новиот луксуз.
Намерата на менаџерите на марката со сребрената ѕвезда е возилото да биде олицетворение на личноста, односно одредени функции на автомобилот да бидат скроени точно за возачката или возачот. „Тоа е возбудливиот пат кон хиперперсонализирано и интуитивно доживување на клиентите – не само во возилото“, стои понатаму во најавата од Штугарт.
Асистентот МБУКС на Мерцедес-Бенц станува виртуелен асистент. Сите барања што возачката или возачот ќе ги насочат кон возилото со фамозното „Еј Мерцедес“, ќе бидат придружени со графика каква што досега не е видена во автомобил. За тоа ќе биде задолжена графиката на Јунити, име што значи многу во светот на компјутерските игри. Виртуелниот Асистент МБУКС се базира врз оперативниот систем МБ.ОС што Мерцедес-Бенц го има развиено самостојно и го вградува во своите нови модели. Во основа, автомобилот ќе добие нов „виндоус“.
Новата Мерцедес Е-Класа во онлајн-каталогот со сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
Шефот Ола Калениус, најавува дека „Мерцедес-Бенц од ново го открива дигиталното доживување, со помош на вештачка интелигенција, со цел да се овозможи интеракцијата со интелигентниот виртуелен асистент МБУС да биде колку може повеќе слична на интеракција на човек со човек.“
Северноамериканска премиера ќе доживее и Концепт ЦЛА Класа, како најава за новата генерација на ЦЛА, од којашто ќе биде достапна и целосно електрична изведба и којашто се базира врз новата платформа ММА. По новата ЦЛА ќе следат уште три каросериски изведби врз истата платформа.
Големо внимание ќе привлекува и маскиран прототип на Г-Класа со целосно електричен погон, којашто наскоро почнува со сериско производство.
















