Француски град плаќа ако автомобилот се остави дома

Жителите на францускиот град Лил можат да заработат дополнителни 80 евра месечно, доколку превезуваат групно, работат од дома или го користат јавниот градски превоз.

На возачите во Лил им се исплаќа одредена сума пари, доколку автомобилот го остават дома. Градот ги охрабрува возачите да се организираат за повеќемина да патуваат во возилата, да го користат јавниот градски превоз или да работат од дома. Тоа е прв проект од ваков вид во Франција.

Новата шема почна да се применува уште во септември. Луѓето што инаку би го користеле својот автомобил за да патуваат до градот Лил, сега добиваат 2 евра по патување, односно месечниот лимит е 80 евра.

Шемата што се води под името Екобонус ќе се тестира во времетраење од девет месеци, од септември 2023 до јуни 2024 година. Лил е прв град во Франција, што го зема овој пример од Холандија. Намерата е да се намали сообраќајот по автопатските делници А1 и А23 во времето кога има највисоко оптоварување на сообраќајот, односно наутро и приквечер.

„Шемата ја докажа својата делотворност (во Холандија),“ изјави за ФрансИнфо заменик градоначaлникот на Лил, Себастиен Ле Претр, одговорен за транспорт. „Ние сме првиот град во Франција што во овој обем го врши експериментот.“

Веќе 3.000 возачки и возачи се приклучиле во шемата

Учител што живее 20 километри далеку од својото работно место, на колеџ во регионот на Лил, кажува: „Решив заеднички да го користам автомобилот со колега. Наутро поаѓаме малку порано, но затоа добиваме повеќе комфор. Стресот на сообраќајните метежи може да биде вознемирувачки. Сега нив целосно ги избегнуваме.“

Критики за шемата

Секако дека шемата привлече и критики, од страна на претставници од редовите на Зелените, кои оценуваат дека шемата не е во корист на животната средина, како што се чини.

Полин Сегар, советничка во Вилнев д’Аск, предградие на Лил, членка на градската зелена партија, кажа: „Не може секој да работи од дома и не може секој да најде со кого да го користи возилото заеднички и не може секој да користи градски превоз, којшто не е раширен насекаде.“

„Ништо не наведува дека тоа ќе го намали севкупниот сообраќај,“ кажува таа.

Градските претставници го порекнуваат тоа и посочуваат дека според нивното предвидување, шемата ќе го намали сообраќајот за 600 возила во времето на најголемиот метеж по автопатот А1, како и дека ќе го преполови бројот на возила по А23.

Франција веќе користи шема што важи на национално рамниште. Преку т.н. ковоитураж ду квотодиен (дневна шема за заедничко користење возило) им се нудат до вкупно 200 евра на возачите што своето возило го користат за заеднички превоз, преку посебни мобилни апликации, за куси и долги патувања. Целта е бројот на заеднички патувања да се искачи на три милиони дневно, од сегашните 900.000 патувања.

Проектот има за цел да ја намали загаденоста на воздухот, да го намали метежот и да постигне поголема сигурност околу времетраењето на патувањето во подрачјето на градот

Шемата предвидува да се користи друг вид превоз – освен сопствениот автомобил без патници – по автопатите А1 и А23 во правец кон Лил, во периодот меѓу 7 и 9 часот наутро, како и во спротивната насока во периодот меѓу 4:30 и 6:30 часот.

За учество во програмата, потребно е да се преземе соодветна мобилна апликација, преку којашто понатаму се запишува секое патување што не е направено со сопствениот автомобил без други патници, и истото се наградува со по 2 евра по патување.

Претходна објаваСтудија: Каков ќе биде светот на електричните автомобили во 2040 година
Следна објаваЕдно од секои пет продадени возила во ЕУ е на батерија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here