Тојота Тундра е носителка на насловот „Пикап на Тексас“, според здружението на тексашките автомобилски новинари. Наградата следеше по традиционалното Тексас Трак Родео.
Вторпат во три години Тојота Тундра е прогласена за најдобар пикап во Тексас. Уште еден модел на Тојота беше одликуван на настанот: Гранд Хајлендер, изведбата од Хајлендер каков што го познаваме во Европа, но со седум седишта и продолжена каросерија.
Награда и за новиот инфозабавен систем на Тојота, како и за хибридниот погон Ај-Форс Макс, којшто заради дополнителна моќност користи турбонатполнење за бензинецот, различно од вообичаениот пристап на Тојота со атмосферски мотори.
Тундра се произведува во фабриката на Тојота во Сан Антонио, Тексас. Пикапот е конструиран врз цврста носечка рамка, и несвојствено за овој вид возила, располага со мултилинк задна оска.
Тежината на товарот што може да ја повлече пикапот: 12.000 фунти или 5,4 тони. Носивоста е 1.940 фунти или близу 900 килограми.
Може да се избира меѓу две погонски единици: Ај-Форс и Ај-Форс Макс, твинтурбо шестциндарци во форма на латиничното В. Посилната изведба постигнува 443 КС при 5.200 вртежи во минута и вртежен момент од 790 њутнметри при 2.400 вртежи во минута.
Одушевуваат и теренските способности, како и приспособливоста за возење по најразличен терен, со неколкуте програми што стојат на располагање, како и можноста возилото да се пушти да ползи, и секако, заклучувањето на блокадата на задниот диференцијал.
Соодветно на големината на пикапот, средишниот дисплеј мери 14 палци во пречник, што одговара на близу 36 сантиметри, колку дисплеј на мал преносен компјутер.
Клучна одлика за вообичаената примена на пикапот е помошта што возачот ја добива при возење наназад со приколка. Сензори и камери помагаат за на возачот да му се прикаже точно линијата на движење со моменталното завртување на воланот.
Меѓу опциите се панорамски покрив, омилената ставка – задно стакло што се спушта, како и дигитални инструменти.
На годинешното Тексас Трак Родео учествуваа 37 новинари, кои ги тестираа возилата и ги оценуваа по терените во кањоните во Декатур.
















