Една година по одбележувањето на својата 75-годишнина и со важен новитет во понудата за марката SsangYong, електричниот Korando e-Motion, Аутомакедонија овозможи уште едно летно уживање во македонските убавини. Третиот и подеднакво важен чинител во ова патешествие беше демиркаписко Барово, една од трите микролокации на винаријата Тиквеш.
За корејската марка SsangYong може да се каже дека е марка од почит. Специјалистите за теренски возила, уште рано пред светот да западне во СУВ-манијата, во 1990-те години, го имаа првото впечатливо поглавје со тогашниот Musso. „Брзиот теренец“ возеше со мотори од Mercedes-Benz, бензински шестцилиндарци и четирицилиндарци, но и со прочуениот петцилиндарски дизел од W124. Моделот тогаш постигна впечатлива продажба и на македонскиот пазар. Тој Musso се покажа како најдобра реклама на марката, актуелна денес, исто како и пред повеќе од дваесет години – посебно кога ќе се забележи во каква состојба се наоѓаат возилата. Околу квалитетот на маркава никогаш не се спорело, како во изработката, така и во проектирањето.
Денес, Musso е пикап во полна големина, но ги има задржано „лимузинските“ гени на зачетникот на лозата. Повеќе луксузно возило, отколку работна машина. Korando е уште едно големо име на сцената, во својата 4-та генерација, а според менаџерите во Аутомакедонија, тој беше и трет најпродаван СУВ-модел во класата во минатата година.
Електричната изведба на Korando беше најавена уште на салонот во Женева во 2018 година, кога SsangYong одржа премиера на концептниот автомобил e-SIV, со целосно електричен погон. Тоа се случи една година пред на истиот салон да доживее премиера сериската изведба на Korando од 4-та генерација, со класичен погон. Уште тогаш беше извесно дека изведбата со погон на струја ќе се приклучи во гамата на Korando. Така и бидна, продажбата на Korando e-Motion стартуваше лани, сега електричниот модел веќе е дел од редовната понуда на Аутомакедонија.

Покрај овие два модели, возниот парк на ова патешествие го сочинуваат уште две моделски изведби на Korando. Двете го користат истиот бензински мотор од 1,5 литар со турбо натполнење и директно впрскување, со моќност од 163 КС. Разликата е во погонот и во нивото на опрема. Едната е основна изведба Entry, со погон напред и мануелен менувач, втората е изведба Digital, со погон на сите тркала и шестстепен автоматски менувач.
Висорамнината Витачево е своевидно поаѓалиште што води на сите страни и за сите намери
За четирите теренски возила, одредиште е Барово, на 130 километри оддалеченост од Скопје, село што припаѓа на областа Бошавија. Патот води до Кавадарци, оттаму се продолжува угоре кон висорамнината Витачево, па повторно удолу кон Барово. Витачево е поаѓалиште од коешто водат патишта на сите страни и за секаква намера: Било да станува збор за велосипедизам, параглајдинг, за пристап до недопрена природа во областа на Рожден и Мајден, на прагот на Мариово, до Конопиште, Михајлово, или за осознавање на размерот на лозарството и на културата на виното, тоа е местото.

Турата за Аутомедиа почна во електричниот Korando e-Motion. Сосем очекувано, погонот работи мошне култивирано, а во случај кога станува збор за електричен погон, тоа значи рамномерно забрзување и прецизно дозирање на моќноста, исто како и отсуство на секаква „нервоза“ во погонот при нагло отпуштање гас или сопирање. Тивко е, комфорно, пред сé е различно чувството кога се вози на струја, не е сé до прашањето дали возењето било поевтино или почисто. Korando e-Motion добро го владее електричниот погон.
Цената на овој Korando е околу 40.000 евра, и не само поради тоа, овој СУВ во моментов спаѓа меѓу најпривлечните понуди во тој пазарен сегмент. Досегот изнесува околу 340 километри, што значи дека со културно возење, електричниот SsangYong може без проблем да одвезе до Барово и да врати.
Електричниот SsangYong Korando e-Motion беше најавен уште пред премиерата на тековната генерација на моделот
Максималната моќност изнесува 140 киловати, односно 190 КС. Максималната брзина е ограничена на 156 km/h, но не е ограничено забрзувањето: Со помалку од осум секунди за спринт до темпо сто, e-Motion прикажува уште една привлечна страна на е-погонот. При користење брз полнач со еднонасочна струја со моќност од 80 киловати, батеријата се полни до 80 проценти за 33 минути.
Опременоста е по SsangYong стандарди, а тоа значи систем за следење лента, автоматско долго светло, камера за знаци, дигитални инструменти, диодни светла, алу-тркала од 17 инчи, двозонски клима уред со контрола на квалитет на воздух, задна камера, прилично сé.

Убави изненадувања донесе пикапот Musso, со кабина просторна колку кај СУВ од виша класа, а пак со голем товарен простор назад. Но, најважното е во „лимузинскиот“ карактер на пикапот. Додека повеќето пикапи амортизираат тврдо, без еден тон врз задната оска, но и ги покажуваат ограничувањата на решението на крута задна оска со надолжни листести пружини, во поглед на страничната сила во свијоци, Musso вози суверено и безбедно.
Кусите преносни односи во мануелниот менувач укажуваат дека при проектирањето се мислело сериозно и на совладување тежок терен. SsangYong Musso не пропушти да ги докаже теренските способности при возењето по предизвикувачкиот терен околу лозовите насади во Барово. Амортизацијата ниту на момент не покажа дека доаѓа до граничниците, ниту пак се изгуби тракцијата со подлогата. Способна машина во секој случај, со нагласок на луксузот и на животниот стил.
SsangYong произведува и развива теренски возила подолго од веројатно 90% од марките што денес владеат со европскиот пазар на СУВ возила
За пробување по теренот во Барово стоеше на располагање и верзијата на Korando со погон на сите тркала. Тука е несомнено дека се покажуваат гените и искуството на SsangYong во подрачјето на теренските возила. Корејскиот производител уште од самите почетоци произведува и развива теренски возила, долго пред „лимузинските“ марки да се впуштат во СУВ-авантурата.

Каросеријата не „попушта“ кога се преоѓа преку расед, исто и прегледноста е одлична, што е важно кај едно возило од овој ков, исто колку што е важно и возачот да биде способен за теренско возење. Моќноста од 1,5-литарскиот мотор не се става под знак прашање. Оваа категорија на работна зафатнина веќе одамна ги заменува 2,0-литарските машини.
Целата оваа летна авантура доби дополнителна димензија поради природата во Барово и поради потфатот на винаријата Тиквеш, да вложува во туристички проекти. Овој етно-комплекс се чини едноставен, ненападен, исконски и неизвештачен, и токму тоа ги привлекува туристите тука. Тиквеш со овие проекти сака да го нагласи благородниот манир на пробување вино директно од областа во којашто се одгледува и созрева грозјето. Покрај Барово, два слични проекти се реализирани во Бела Вода и во Лапово.
Продавање Musso на „кружниот во Железара“ и колекционер со четири модели SsangYong
Марката SsangYong веќе одамна е пристојно одомаќена на македонскиот пазар и понатаму само се гради врз солидно поставените темели. Од необврзаните разговори со менаџерите за време на настанот дознавме дека SsangYong Musso може да се продаде и на „кружниот во Железара“, откако клиентот се уверил во прецизноста на подвозјето, а исто дознавме и за колекционер што веќе има четири модели SsangYong во својот возен парк и дента го преземаше својот најнов Rexton, изработен по посебна нарачка. Во 75-те години досега и уште една плус, во Аутомакедонија одлично ги познаваат нештата.
По враќањето во Скопје, овој возен парк продолжи за Охрид, каде што возилата на SsangYong веќе по традиција им служат за превоз на уметниците и на организаторите на Охридско Лето.
















