Одливки со ширина и висина од по 1,5 метар се невообичаени во автомобилското производство. Тоа важеше досега. За изработката на каросеријата на идните автомобили да се поедностави, а со тоа и да поевтини, производителите на автомобили преоѓаат на големи алуминиумски одливки.
Во концернот Volkswagen во изминативе две години се развиваше новата технологија за примена на големи одливки. Место предниот и задниот дел од автомобилот да се изработуваат од десетици одделни делови, во иднина за нив ќе се користи по една голема одливка.
Идејата за производството да се поедностави и поевтини, преку примена на големи компоненти изработени од едно парче, потекнува од Tesla. Илон Маск уште во 2020 година најави, дека целиот заден дел од Model Y ќе го изработува од алуминиумска одливка. Тоа веќе е реалност. Volvo ќе почне да го користи системот во 2025 година. Volkswagen е следната марка што се придружува на трендот.
Постапката во Volkswagen ќе се разликува. „Анализиравме што прави конкуренцијата,“ кажува директорот за производство Кристијан Фолмер и додава „потоа анализиравме што е тоа што со нашето искуство во Касел можеме да го направиме подобро.“ Концернот со децении изработува одливки во фабриката во Касел.
Значително подобрување на ефикасноста во производството
Идејата не се менува. Место носечката потконструкција на автомобилите да се составува од бројни единечни делови, таа ќе се лее под висок притисок во еден дел. Најдобро е леарницата да се наоѓа близу фабриката во којашто се врши завршната монтажа на возилата. Тоа е корисно и за монтажата и за логистиката.
Директорот Фолмер посочува дека тоа носи голем напредок во продуктивноста. Покрај тоа, алуминиумската одливка е полесна, што претставува голема предност, посебно кај електричните автомобили, коишто носат тешка батерија.
Недостаток е единствено тоа што леењето големи блокови може да се врши само со алуминиум, а тој е поскап од челикот. Самото леење на големите делови, исто така претставува голем технолошки потфат.
Магазинот Ауто Билд во 2021 година објави слика што го прикажува можниот изглед на идниот Volkswagen Trinity

На новата технологија се работи уште од времето на Херберт Дис, од почетокот на 2021 година. Тогашниот шеф на коцнернот го отпочна проектот за рецолуционерниот модел Trinity, којшто меѓу другото требаше да се произведува за само десет часови. Леарницата во Касел имаше задача да работи на постигнувањето на таа амбициозна цел.
По една година развој, техничарите на VW го изработија првиот комплетен заден дел од алуминиумска одливка. Со стекнатото искуство, прототип на преден дел беше изработен за само половина година. Место од 42 единечни делови, задниот дел е изработен од една единствена одливка. Таа тежи 24 килограми и полесна е за десетина килограми од класичниот пристап. Изработката исто така трае 30 минути покусо.
Се работеше на постоечки модел, како мустра послужи ID.4
Место прво да работат на макета, техничарите користеа постоечки модел. Идејата беше да се работи на решение што би можело да се примени уште сега. Одливката сепак не може да се користи за постоечкиот Volkswagen ID.4, затоа што технологијата се развива за новата платформа SSP, односно за револуционерниот модел Trinity. Според досегашните планови, моделот може да се очекува најрано во 2028 година.
Понатаму постапката ќе се користи и за останатите нови модели. Повисоката цена на алуминиумот се надоместиува преку зголемената ефикасност во производсвото. Volkswagen вече пушти и тест-производство, во коешто 1.000 парчиња беа изработени во такт од 130 секунди – по едно парче на приближно две минути.
Уште една предност од искуството на Volkswagen е во тоа, што за разлика од конкуренцијата, Германците ќе ги користат постоечките постројки, место да вградуваат скапи и големи машини. Tesla користи машини од италијанската Indra, додека Volvo нарача технилогија од германски Bühler.
Предизвик беше да се обезбеди дека каросеријата ќе може да се поправа по судир. За техничарите тоа сепак не претставува проблем, затоа што ќе се користат зајакнувања што се заменливи и што ја прифаќаат силата при ударот. Во спротивно, ниту една осигурителна компнанија не би сакала да издаде полиса за таков автомобил што не може да се поправи по судир.
















