Во Германија постојано расте бројот на регистрирани олдтајмери. Специјализираниот магазин Auto Bild Klassik, дел од групацијата Auto Bild, подготви целосна слика за историските автомобили што им се најомилени на германските возачки и возачи.
Олдтајмерите се неразделен дел од автомобилската сцена, дури и во време кога автомобилскиот свет преоѓа на сосем нов вид погон и се префрлува на производство на зелена енергија. Лани во Германија повторно имало регистрирано повеќе олдтајмери на две и повеќе тркала отколку претходно.
Бројот расте, но никој не им го зема на зло на олдтајмерите тоа што испуштаат повеќе штетни материи, отколку нивните современици – од причина што нивниот удел во возниот парк и натаму е незначителен, а воедно и возилата се одржуваат во беспрекорна состојба, за да можат да добијат регистерска ознака за олдтајмер и дозвола за користење во редовен собраќај. Тоа е сосем различна слика и примена на старите автомобили, за разлика од македонските состојби, каде што автомобилите се само стари и цената на одржувањето им е далеку над стандардот што сопствениците можат да си го дозволат, затоа тоа што се работи за модели од луксузни марки.
Во Германија во почетокот на годината биле регистрирани 704.000 автомобили со издадени регистерски таблици што завршуваат со H, за олдтајмери. Властите ги водат како автомобили од класа на емисија 0098. Една година година порано, во земјата имало 648.365 такви автомобили.
Голем број олдтајмери немаат добиено „H“ регистрација
Главен услов за возило да добие регистерска ознака за олдтајмер е тоа да биде постаро од 30 години. Но, не сите возила што го исполнуваат тој услов, добиваат „H“ регистерска ознака. Тоа се однесува за возила со мал мотор, кај коишто годишниот данок за возило е понизок од 191 евра, колку што чини регистрирањето олдтајмер. Покрај тоа, важен услов е возилото да мине посебен технички преглед. Некои сопственици се решаваат да ги задржат старите германски ознаки, место да ги заменуваат со еуро-таблици.
Најомилениот олдтајмер во Германија не е изненадување, тоа е Mercedes W 123
Најголем број регистрирани олдтајмери има од моделот Mercedes-Benz W 123. Легендарниот автомобил е на првото место со 49.160 примероци. По него следи Volkswagen Käfer, односно Бубата, со 44.132 примероци со историски ознаки. Трет најчест модел е цела моделска серија, односно тоа се комбињата на Volkswagen од генерациите T1, T2, T3 и T4. Од нив се регситрирани вкупно 32.457 примероци.

На четвртото место се сите автомобили на Mercedes што носат SL во ознаката (30.985 примероци). Високото петто место секако дека му припаѓа на Porsche 911 (генерации 911/993/996, сите заедно со 26.052 примероци). Потоа следи уште еден модел на Mercedes, нормално тоа е S-Class, со 24.299 примероци. Седми е Golf со регистрирани 24.254 примероци што се постари од 30 години и се во одлична техничка состојба.
Премиум триото се натпреварува и кај олдтајмерите. Серијата 3 на BMW од генерациите E21 и E30 е во мала предност пред Mercedes 190, со 18.903 примероци, наспроти 17.354 примероци), а потоа следи и Audi 80/90 со 8.599 регистрирани олдтајмери.
Trabant T 601 е феномен, од година в година расте бројот на историски примероци
Од 11-то до 15-то место се следните модели: Opel Kadett (7.610), Trabant (5.419), Citroen 2 CV (4.734), VW Passat (2.480) и VW Polo (2.115).
На ниво на марки, очигледно дека Mercedes е омилен на сцената на олдтајмерите, по него следат Volkswagen, Porsche, BMW и Opel.
View this post on Instagram
















