Glencore, една од водечките рударски компании во светски рамки, заедно со концернот Stellantis и огранокот за батерии на концернот Volkswagen, PowerCo, се спогодија да учествуваат во зделката во вредност од 1 милијарда долари, на компанијата за преземање ACG, со коjашто се преземаат два рудника во Бразил.
Зделката е постигната во време кога се зголемува бројот на спојувања и преземања во рударската индустрија. Тој тренд во најголем дел се темели врз растечката побарувачка за метали, што се неопходни за глобалното преоѓање на енергија од обновливи извори во претстојните години.
ACG е компанија со седиште во Лондон и специјализирана е за посебни преземања (SPAC, Special Purpose Aquisition Company). Таа ќе ги купи рудникот за никел сулфид Санта Рита и рудникот за бакар Сероте од приватни инвестициски фондови, коишто користат консултантски услуги од Appian Capital, а тие пак за продажбата ги назначија Standard Chartered и Citigroup.
SPAC се шел компании што обезбедуваат финансии преку почетно јавно наддавање, за подоцна да се спојат со приватна компанија и таа да почне да нотира на берзата.
Мал е бројот на вакви зделки во рударската бранша. Меѓу ретките примери се Vision Blue Resources, фонд основан од поранешниот шеф на Xstrata, Мик Дејвис, кој подржува SPAC од 300 милиони долари, и Metals Acquisition, којашто нотираше во Њујорк и купи рудник за бакар во сопственост на Glencore.
По купувањето, никеловиот концентрат ќе се преработува во постројките на Glencore во Западна Европа и во Северна Америка. Крајниот производ ќе се користи во батерии за електрични возила на Stellantis, PowerCo (VW) и други производители.
Glencore ќе инвестира 100 милиони долари во ACG. Stellantis и рударскиот инвестициски фонд La Mancha Resource Capital ќе инвестираат исто по толку, додека PowerCo ќе изврши претплата за никел во вредност од 100 милиони долари.
@Glencore, automakers to back $1 billion #nickel, #copper mine deal in #Brazil https://t.co/3ITTAiLbxG
— MINING.COM (@mining) June 12, 2023
За време на постапката, ACG ќе стане ACG Electric Metals и ќе издаде нови акции, со што ќе направи Glencore, Stellantis и La Mancha да станат сопственици на 51 проценти од акциите. Преостанатите 49 проценти ќе останат за слободно тргување.
Во двата рудници се користи електрична енергија од хидроцентрални и се предвидува проширување.
















