Половина милион батерии што се вградени во моделите со електричен и приклучен хибриден погон на Škoda, Volkswagen, Audi и Seat се произведени во матичната фабрика на чешкиот производител во Млада Болеслав.
Уште во текот на годинава, во фабриката на Škoda во Млада Болеслав ќе бите пуштена новата монтажна линија, со којашто дневно во погоните ќе се изработуваат по 2.300 батериски системи за вградување во електричните и приклучните хибридни возила на концернот VW.
Škoda продолжува со брзо темпо по патот на електрификацијата, со вложување во фабриките и нивно приспособување за производство на електрични возила и компоненти за нив. Во исто време се вложува во развој и дигитализација, а секако и во обука и усовршување на персоналот. Чешката марка досега има обучено повеќе од 23.000 вработени, за работа со висок напон и со електричен погон.
Првите батерии излегоа од фабриката во Млада Болеслав во 2019 година, наменети за вградување во модели со приклучен хибриден погон
Батериите прво се вградуваа во модели со приклучен хибриден погон од марките Škoda, Audi, Seat и Volkswagen. Во една смена работат по 50 лица, на површина од 2.000 метри квадратни. За ракување со тешките или габаритни компоненти, на располагање стојат 13 автоматизирани роботи. На секои 86 секунди излегува по една батерија за модел со приклучен хибриден погон, што е конструиран врз платфомата MQB. Еден таков систем тежи по 130 килограми.
Од мај 2022 се изработуваат и батериски системи за чисто електрични возила
Во мај 2022 година, Škoda Auto почна да произведува и батериски системи за чисто електрични модели врз платформата MEB на концернот Volkswagen. Тие имаат големина од 55 до 82 киловатчасови и се вградуваат во Škoda, Volkswagen и Audi.
Покрај модули, коишто се состојат од по 24 или 16 ќелии, меѓу составните делови за батериските системи спаѓаат куќиште со систем за ладење, контролен систем и електрични поврзувања.
Во овие погони во коишто работат 250 лица, Škoda Auto вложи 130 милиони евра. Уште во текот на годинава ќе почне со работа дополнителна монтажна линија за MEB. Со тоа, дневниот капацитет ќе се зголеми на 1.500 батерии за модели врз MEB-платформа и уште 800 батерии за хибридни модели.
















