Skoda почнува сé од ново: Шест е-автомобили до 2026

Skoda го забрзува преоѓањето во ерата на електричните автомобили со уште четири нови модели што ќе бидат лансирани до 2026 година.

Раководството на чешката компанија, во седиштето на марката во Млада Болеслав прикажа целосно електричен комби-модел и три нови СУВ-модели, исто така на струја, во форма на „скулптури“. Нив ќе им се придружат уште двете освежени изведби на Enyaq. „Skoda во 2026 година ќе биде присутна на пазарот со шест електрични автомобили“, најави директорот на Skoda, Клаус Целмер.

До 2030 година, чешката марка-ќерка на концернот Volkswagen, со своите модели во пониските класи возила и со идните електрични модели, треба да се најде меѓу петте најпродавани марки на европскиот пазар. Тоа во голем дел ќе биде заслуга на моделите со мотори со внатрешно согорување, и покрај тоа што паралелно ќе се води офанзивата со електрични модели. „Сакаме да го понудиме најдоброто од двата света. Со нашата понуда од модели ги рефлектираме желбите на клиентите“, изјави Целмер пред новинарите.

Додека во ЕУ во 2035 година ќе престане продажбата на автомобили со бензински и дизел мотор, Skoda во другите делови од светот и натаму ќе продава модели со мотор со внатрешно согорување. Целмер кажува, „од нас нема да слушнете краен рок за моторите.“

Новите моделски генерации на Superb и Kodiaq ќе бидат претставени за кусо време, и веќе сосем очекувано, на располагање ќе стојат и нивни изведби со приклучен хибриден погон.

„До 2026 година со нашите нови батериски електрични модели ќе ги покриеме сите сегменти на возила што им се важни на нашите клиенти“, најави директорот за продажба и маркетинг на Skoda, Мартин Јан.

Skoda ја заскокотка љубопитноста на јавноста за четирите нови модели, со прикажувањето физички скултури во вистинска големина, на денешниот настан во Млада Болеслав. Додека светот ги види вистинските автомобили, ќе мине уште извесно време. До 2027 година, Чесите ќе вложат вкупно 5,6 милијарди евра во електромобилноста.

Skoda уште в година ќе почне со продажба на батерискиот електричен компактен СУВ-модел Elroq. Долг 4,5 метри, тој ќе биде електричен наследник на Karoq

Електрично комби долго 4,7 метри, пристига на пазарот во 2026 година и тоа ќе биде прв батериски електричен автомобил на марката, со комби-каросерија. Автомобилот ќе биде „спој меѓу компактни димензии и просторна, мошне практична внатрешност. Како основа за комбито ќе послужи платформата MEB на концернот VW.

Новиот основен СУВ-модел на Skoda ќе стартува со продажба во 2025 година. Автомобилот со должина од 4,1 метри се развива под работното име „Small“. Неговата цена ќе изнесува околу 25.000 евра. Според Skoda, овој модел ќе направи електромобилноста да биде достапна за поширок круг купувачи.

Четирите нови модели ќе се произведуваат во Шпанија

Најголем меѓу четирите идни електрични модели на Skoda е автомобилот под работен наслов „Space“. Тој е долг 4,9 метри и ќе го заокружи врвот на понудата на марката. Продажбата на Space почнува во 2026 година. Skoda веќе го навести моделот во минатата есен, преку студијата Vision 7S. Седумката се однесува на бројот на седишта во големиот СУВ.

Компанијата ја искористи пригодата за да одржи презентација на Enyaq iV 50. Тоа е подостапна изведба на успешниот електричен СУВ-модел на Skoda и редовната цена му изнесува 39.990 евра. Електромоторот постигнува 109 kW, односно 148 КС, досегот изнесува 366 километри.

Чешкиот производител во минатата година испорача околу 730.000 возила ширум светот. Skoda исто така беше силно погодена од недостигот од микрочипови, поради што трпеше производството, а со тоа и испораките. Проблемите се провлекуваа долж целата 2022 година, а недостигот од полупроводници се чувствува во помал обем и годинава. Целмер охрабрува, „тоа уште е проблем, но постепено се стабилизира.“ Шефот најавува дека ситуацијата ќе продолжи да се подобрува во втората половина од годината.

Како што најавија директорите, Skoda годинава ќе одржи премиера на новите генерации на Kodiaq и Superb, коишто ќе бидат достапни и во изведба со приклучен хибриден погон.

Ново позиционирање на марката

Skoda генерално се наоѓа пред големи промени. Дизајнерската нишка што ги соединува сите модели на марката, како и комуникацијата и корпоративниот идентитет, сите тие важни обележја за една марка се поставуваат од ново. „Мораме да ја облагородиме марката“, објаснува шeфот за маркетинг Јан.

Настапот на марката гласи „солидно модерно“, а целната група се „современи истражувачи“, објаснува менаџерката за маркетинг Мередит Кели.

Салоните во следниот период ќе добијат нов изглед. Покрај тоа, Skoda планира наскоро да премине на агенциски модел на продажба, што од темел го менува начинот на којшто дилерите ја обавуваат продажбата на возила.

Старото лого што влече корени уште од основањето на фирмата, прочуената стрела со индијанска перјаница, мора да исчезне од возилата. Место логото, на хаубата ќе пишува Skoda.

Претходна објаваLand Rover Defender со мотор V8 и цела куќа на себе
Следна објаваPeugeot повика пет врвни фотографи да доловат што значи „Allure“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here