Австрија ја подржува забраната за мотори со внатрешно согорување

Австрија веќе ја подржила спогодбата на Европската Унија, за продажбата на автомобили со мотори со внатрешно согорување да запре по 2035 година и поради тоа не гледа причина да ја повлече својата поддршка за истата, порача австриската министерка за клима, Леоноре Гевеслер.

Значајниот закон на ЕУ, со којшто се забрзува преоѓањето на Европа кон чисти возила, во моментов е ставен во мирување, откако Германија во последен момент искажа противење за истиот. Тоа се случи, иако државите членки на ЕУ и законодавците постигнаа спогодба во минатата година.

„Заедно со главнината од државите членки на ЕУ, постигнавме компромис во транзицијата, со тоа што дозволивме да се регистрираат само нови автомобили што 100 проценти се без емисија. Не гледам причина да го менувам тој став. ЕУ треба да биде партнер на којшто човек може да се потпре,“ кажа Гевеслер на пристигање на средбата на министрите за животна средина на ЕУ во Брисел.

Австрискиот канцелар Карл Некамер во минатата недела кажа дека ќе се спротивстави на забраната за моторите со внатрешно согорување, доколку ескалира дебатата со челниците на државите во ЕУ.

Член на австриската влада, сепак потгврди дека одговорноста за позицијата на владата во поглед на емисијата на СО2 лежи кај Министерството за клима, од каде што веќе ја имаат одобрено спогодбата на ЕУ.

Државните челници од ЕУ ќе одржат средба во Брисел на 23-ти и 24-ти март. Законот за емисија на СО2 од автомобилите во моментов не се наоѓа на агендата за таа средба.

ЕУ цени дека е клучен датумот во 2035 година, поради тоа што просечниот век на користење на новите автомобили изнесува 15 години. Доколку забраната се воведе подоцна, ЕУ нема да биде во можност да постигне нулта емисија до 2050 година. Научниците велат дека тоа е клучниот момент за планетата Земја, за да се спречи катаклизмична промена на климата.

Законот на ЕУ не воведува општа забрана за моторите со внатрешно согорување, туку бара новите автомобили што ќе се продаваат по 2035 година, да имаат нулта емисија на СО2. Тоа значи дека по таа година повеќе не може да се регистрираат нови автомобили со мотор со внатрешно согорување.

Германија, подржана од неколку држави, вклучувајќи ги Италија и Чешка, бара гаранции дека новите автомобили со мотор со внатрешно согорување ќе може да се продаваат и по 2035 година, доколку користат горива што се неутрални во поглед на СО2, односно таканаречени е-горива.

Некои производители исто така вршат притисок да се направи исклучок, како што е пример со Porsche. Германската спортска марка цени дека е-горивата се начин да се избегне нивните возила со високи перформнси да бидат премногу оптоварени под тежината на батеријата.

 

Претходна објаваОвој модел на Fiat е непознат тука, во Аргентина е произведен во 280.000 примероци
Следна објаваПо новиот GLC Coupe следи дотерување на Mercedes-Benz GLA

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here