Уште 95 електрични автобуси Mercedes по улиците на Хамбург

Претпријатието за јавен превоз во германскиот град Хамбург нарача 95 електрични автобуси Mercedes-Benz eCitaro/eCitaro G. Првите возила од новата нарачка се очекува да бидат пуштени во сообраќај кон завршетокот на годинава, за целиот налог да биде исполнет во првата половина од следната година. Планот е до 2028 година да се нарачаат уште 155 електрични автобуси.

Компанијата VHH веќе располага со 37 автобуси eCitaro и eCitaro G во својот возен парк. Првите автобуси со погон на струја беа пуштени во 2020 година, кусо по почетокот на сериското производство на овој модел. Заедно со новата нарачка, вкупниот број на електрични нископодни автобуси со ѕвезда во VHH изнесува 132 возила.

„Хамбург е еден од главните европски градови за нашиот eCitaro“, се радува за новата нарачка Мирко Шгода, директор за продажба, маркетинг и услуги за клиенти во Daimler Buses.

Од 2020 година наваму, VHH го обновува и проширува својот возен парк исклучиво со електрични автобуси. Директорот на VHH, др. Лоренц Каш, потврдува дека „постигнат е голем напредок, посебно во поглед на досегот.“

Новиот налог вклучува 47 единечни автобуси со три врати Mercedes-Benz eCitaro и уште 48 зглобни автобуси со четири врати eCitaro G. Во сите автобуси се вградува најнова генерација батерии NMC3. Големината на батеријата во единечните автобуси е 490 kWh, односно 588 kWh кај зглобните автобуси. Тоа е сосем доволен капацитет за дневната тура да се извози без потреба од полнење. Автобусите се полнат во депоата на VHH.

Освен со електричниот погон, нарачаните eCitaro се одликуваат и со напредни системи за безбедност. Во опремата спаѓа активен аасистент за сопирање Preventive Brake Assist, систем што го запира возилото кога при скршнување на крстосница има човек или велосипедист во подрачјето што возачот не го гледа Sideguard Assist и вештачки звук што ја предупредува средината дека инаку нечујниот автобус се приближува.

Во стандардната опрема на eCitaro спаѓа и систем што спречува каросеријата да се клати и наведнува при запирање и во свијоци. Програма за стабилност се подразбира, а зглобниот автобус дополнително поседува и систем ATC (Articulation Turntable Controller), што спречува опашот да се „прекрши“.

Подот во патничкиот простор е обложен со материјал со изглед на дрво. Седиштата се обложени, во зглобниот автобус има три места за лица во помошна количка, односно три места за детска количка. Сите седишта располагаат со двојни USB-приклучоци, во кабината се наоѓаат и TFT-екрани од 29 инчи.

Компанијата VHH (Verkehrsbetriebe Hamburg-Holstein GmbH) го покрива просторот на и околу Хамбург со 170 линии. Со повеќе од 2.300 вработени и 670 автобуси, на 17 локации, VHH е втора најголема компанија за јавен градски превоз во северниот дел на Германија. Возилата годишно минуваат вкупно 34 милиони километри, превезувајќи 62 милиони патници. До 2030 година целиот возен парк ќе се префрли на струја.

Претходна објаваНародниот електричен автомобил на Volkswagen чини 25.000 евра
Следна објаваОвој модел на Fiat е непознат тука, во Аргентина е произведен во 280.000 примероци

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here