Од четири на две: Велосипеди од автомобилските марки

Пред да се појават автомобилите, фабриките произведуваа велосипеди. Некои автомобилски марки и натаму ја негуваат традицијата на две тркала. Има и звучни имиња, како Porsche Bike RS или BMW Cruise Bike. Понудата е неверојатно богата.

Велосипедот и автомобилот се поврзани многу повеќе отколку што се чини на прв поглед. Голем е бројот на познати производители на автомобили што почнале со велосипеди, па дури потоа се префрлиле на моторни возила со четири тркала. Иако повеќето марки веќе одамна се збогувани со велосипедите, некои претпријатија како Peugeot и натаму им остануваат верни на двотркалците и до денес нудат комплетна палета на модели на велосипеди во дилерската мрежа на марката.

Французите произведуваат велосипеди од 1882 година и на најдобар начин докажуваат дека традицијата и иновативниот дизајн сепак одат рака под рака. Концептниот велосипед Peugeot DL 122, меѓу другото поседува специјално дизајнирана рамка во која што може да се постави ташна за лаптоп. Ташната, седиштето и рачките на воланот се изработени од истите занаетчии што се задолжени и за студиските автомобили на Peugeot.

Peugeot DL 122 Concept_Bike_01

Покрај овој концептен велосипед, во редовната понуда на Peugeot се наоѓаат голем број велосипеди со погон на батерии. Најевтин е-велосипед е CE 122 за 1.500 евра (сите цени на велосипедите во текстот се од фабричките каталози), со погон во оската на предното тркало и досег до 50 километри, додека врвот на понудата е резервиран за моделот CE 61 за 3.000 евра, со погон од Panasonic и сопирачки и менувачка група од Shimano.

Понудата на Peugeot ја комплетираат голем број градски и спортски велосипеди, а секако и тркачки велосипеди, верно на традицијата, со оглед на фактот што велосипедите на Peugeot порано беа нераздвојни од Тур де Франс. За амбициозни и добро ситуирани аматери е наменет RSR. Во него се вградуваат најдобрите компоненти Dura-Ace што ги произведува Shimano. Тоа секако има и своја цена: 6.000 евра. Велосипедите во оваа класа почнуваат од 1.800 евра за LR-01 со едноставен 20-степен менувач од семејството Tigra на Shimano. Традиционалистите може да посегнат по CR02, со класични компоненти од Campagnolo и цена од околу 2.000 евра.

Исто како кај автомобилите, Volkswagen вградува само докажани компоненти во неговата колекција од велосипеди и нуди модели што се возат првенствено по терен, како на пример 14-килограмскиот планински велосипед со тркала од 26 инчи од Schwalbe и 27-степен менувачка група Shimano Deore, по цена од околу 700 евра. Половина килограм потежок е планинскиот велосипед со тркала од 29 инчи и менувачка група со 30 степени, којшто е наменет првенствено за долги тури и чини 1.000 евра.

Велосипедите за трекинг (од 65 евра) исто така се опремени со менувачка техника од водечкиот јапонски специјалист Shimano. Овие велосипеди во дамска и машка изведба користат сопирачки Magura HS -11 и дебели гуми од Schwalbe. За возење низ град е наменет велосипедот Citybike со седум степени и цена од 600 евра, со нагласок на комфорот. Тоа се гледа по амортизерот во седиштето и ниската рамка. Електричните велосипеди на Volkswagen почнуваат од 1.500 евра, со погон во предното тркало и досег до 50 километри.

Porsche ја користи кратенката RS за своите тркачки автомобили, но и за Porsche Bike RS, со цена од 5.900 евра, кој што е наменет за спортските возачи. Овој велосипед се изработува рачно во Rotwild, еден од најдобрите производители на велосипеди во Германија. Лесната карбонска рамка се потпира на тркала од 29 инчи од Crank Brothers, а како менувачка група се користи Shimano XTR со 20 степени. Сопирањето е задача на хидрауличните диск сопирачки од Magura. Значително поевтин и поконвенционален модел е Bike S за 3.300 евра, со алуминиумска рамка, погон со запчест ремен и 11-степен менувач во оска Shimano Alfine.

BMW е најспортската марка меѓу производителите на автомобили од премиум сегментот. Такви се и велосипедите. Cruise e-Bike со цена од 2.600 евра ја користи основата од BMW Cruise Bike и се нуди во серија ограничена на 1.000 примероци. Исто како и другите модели од колекцијата на BMW, електричниот велосипед користи сопствено развиена рамка, со кабли сокриени во цевките. За погон служи електромотор од Bosch со моќност од 250 вати, кој што го олеснува возењето на велосипедот тежок 22 килограми до 70 километри. За велосипедистите што повеќе веруваат во сопствените мускули се нуди комплетна палета на модели во дијапазон од 900 до 2.500 евра, вклучувајќи и туристички и тркачки модели.

BMW_Cruise_e-bike

Mini ги привлекува велосипедистите со преклоплив модел во дречливо зелена боја и цена од 560 евра. Оригинален детал е пумпата за гуми што е вградена во носачот на седиштето и на тој начин е заштитена од кражба. Велосипедот со тркала од 20 инчи тежи 11 килограми и има осумстепен менувач.

mini folding bike

Велосипедите на Mercedes првенствено се наменети за спортување. Фитнес моделот со модерни тркала од 29 инчи и вилушка Suntour чини 1.200 евра, додека планинскиот велосипед има 30-степен менувач од Sram, хидраулични диск сопирачки и вилушка со 120 милиметри работен од. Последново задоволство чини 3.300 евра.

Градскиот сообраќај е главен ресор на Smart, па соодветно на тоа и неговите велосипеди се наменети за урбаната средина. Електричниот велосипед има досег до 100 километри, што при вообичаено користење до работа и назад е сосема доволно за цела недела. Посебност на моделот е во погонот со запчест ремен место со синџир. Ременот е лесен, тивок, подолготраен и не мора да се подмачкува. Цената не заостанува: 2.850 евра.

smart-e-bike

Претходна објаваГолемиот брат е на пат: Производителите ги шпиoнираат возачите
Следна објаваChevrolet заминува – Cadillac доаѓа: Ова е новиот CTS за Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here