Британската марка во сите модели низ досегашната историја го почитуваше правилото на едноставни, но вешто конструирани спортски автомобили, со најниска можна тежина, во комбинација со компактни димензии. Lotus по ново произведува СУВ, што доаѓа од Кина и со своите 600 КС се квалификува за прв хиперспортски автомобил со електричен погон во својот сегмент. Името му е Eletre.
Во Лондон, во светски прочуениот телевизиски центар на Би-Би-Си и во присуство на неколку стотици личности од јавниот живот, доживеа премиера Lotus Eletre. Историски клучниот модел за британската марка со богата традиција, различен е во сé од моделите по коишто досега светот ја препознаваше марката. Eletre е 100% електричен СУВ, со впечатлив и прогресивен стил.
За новиот модел беше кажано дека ги наследува основните начела и генетскиот запис на Lotus, што се создадени во повеќе од 70 години дизајнирање и конструирање спортски автомобили. Eletre го соединува тоа наследство во комплетно нов автомобил, што е привлечен и наменет е за луѓе што негуваат одреден животен стил. Секако дека основната задача на електричниот СУВ е да привлече нов круг купувачи во Lotus, што секако дека не е грев, затоа што во овие денови, на тој начин се обезбедува зачувување на коренот на марката.
Втората ѕвезда на настанот насловен „Carved by Air“, покрај самиот автомобил, беше светскиот првак во формула 1 и клиент на Lotus, Џенсон Батон. Тој лично го довезе Eletre и го паркираше пред огромниот телевизиски екран. Меѓу уважените гости од автомобилскиот свет и од глобалната заедница на марката Lotus, беа членови на фамилијата Чепмен и Елиса Артиоли, по којашто прочуениот модел Lotus Elise го доби името.
Настанот го одбележа и парада од стари и актуелни модели на Lotus, по коишто следеше раскажување на „Приказната за Лотус“ во траење од пет минути. Едночасовното шоу го водеа Џулуја Харди и Енди Џеј. Режијата вклучуваше слика во живо од салоните на дилери на Lotus ширум светот, коишто организираа сопствени настани, за да ја проследат големата премиера во Лондон.
Lotus Eletre · Првични технички податоци
| Моќност и перформанси | |
| Моќност КС | >600 |
| Батерија (kWh) | 100+ |
| Највисока брзина (km/h) | 260 |
| 0-100km/h (s) | < 3.0 |
| Досег според WLTP (km) | 600 |
| Димензии (mm) | |
| Должина | 5,103 |
| Ширина со надворешни камери | 2,135 |
| Ширина со ретровизори | 2,231 |
| Висина | 1,630 |
| Меѓуоскино растојание | 3,019 |
https://photos.app.goo.gl/pnsjtX9nAQdsXtzH7
https://photos.app.goo.gl/iFVU27NQHLYW7cfB8
https://photos.app.goo.gl/NqsboUp17X6VVanN9
https://photos.app.goo.gl/mcwDcHrjTpUmQcU29
https://photos.app.goo.gl/rZSARVo2L2H3sjRB6
https://photos.app.goo.gl/hxEZNoGuBCYpfva29
















