Целосно електричниот камион Fuso e-Canter премина уште еден праг, испорачани се 300 примероци на пазарите ширум светот.
Клиенти во шеснаесет држави и во градови како Њујорк, Токио, Берлин, Лондон, Амстердам, Париз, Даблин, Осло, Хелсинки и Оукленд го користат електричниот камион Fuso во секојдневната достава. Постојано пристигаат нови нарачки за возилата од малосероско производство.
Daimler, кадешто припаѓа марката камиони Fuso, јавува за ново достигнување: Вкупниот пат што досега го имаат поминато електричните камиони eCanter надминува четири милиони километри. Тоа е еднакво на 100 обиколувања на Земјата или нешто повеќе од пет патувања до Месечината и назад.
Fuso eCanter е камион со дозволена тежина до 7,49 тони и може да извози повеќе од 100 километри со енергијата во батеријата. Моментно повеќе од 40 возила сообраќаат тивко и без емисија во градови во САД, околу 75 примероци се користат во Јапонија, а во Европа се испорачани повеќе од 190 возила. Во почетокот на годинава, електричниот камион стартуваше со продажба и во Австралија и Нов Зеланд, како два нови и големи пазари за Fuso.
Daimler Truck има поставено цел до 2039 година, сите нови возила во Европа, Северна Америка и Јапонија, да бидат “Tank-to-wheel” неутрални во поглед на емисијата на СО2.
















