Следното издание на салонот во Женева одложено за 2023 година

Недостигот од полупроводници и долгите рокови за испорака на новите автомобили се причина за третото откажување на салонот во Женева. Место во следниот февруари, меѓународниот салон на автомобили во Женева ќе се одржи во 2023 година, воедно се работи и на нов концепт на салонот.

Како што јавуваат од организацијата на GIMS, следниот салон на автомобили покрај Женевското Езеро се одложува за 2023 година, во интерес и на производителите на автомобили и на публиката. Директните и индиректните последици од пандемијата, што покрај ограничувањето на собирите и полуизолацијата, сега ја опфаќаат и кризата со полупроводници, не им оставиле друг избор на организаторите, освен да го одложат салонот за уште една година.

Морис Туретини, претседател на постојаниот комитет на меѓународниот салон на автомобили во Женева, објаснува: „Ги вложивме сите сили и презедовме сé да го реактивираме салонот во Женева во 2022 година. Но, и покрај сите наши обиди, мораме да се соочиме со фактите и со реалноста: Пандемијата не е ставена под контрола и самата претставува голема закана за големи настани во затворено, како што е GIMS. Меѓутоа, оваа одлука повеќе ја цениме како одложување, отколку како откажување. Убеден сум дека салонот во Женева во 2023 година ќе се врати посилен од кога било досега.“

Производителите исто така се мошне резервирани и не можат да го потврдат своето учество на салонот. Покрај тоа, недостигот од полупроводници предизвикува долги рокови на чекање за испорака на нови автомобили, така што е неблагодарно да се одржува настан што претставува своевидна прослава на автомобилската бранша и една од најмоќните форми на анимирање на интересот за купување нов автомобил.

Првото издание на салонот во Женева било одржано во 1905 година. Настанот се цени како еден од најважните на автомобилската сцена во глобални рамки, со присуство на повеќе од 10.000 новинари и 600.000 посетители.

(објава од 2020 година) Салонот во Женева откажан, Швајцарија поради корона забранува собири

 

Претходна објаваLexus LX со премиера во Москва во следната седмица
Следна објаваOpel Rekord D e млад половина век

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here