Фабрики најавуваат двојно повеќе чипови за авто-производителите

Водечкиот американски производител на чипови по налог GlobalFoundries годинава ќе ја зголеми продукцијата на чипови за автомобилските фабрики најмалку двојно, заради надминување на тесното грло во испораката во светски рамки. Во проширување на капацитетите се вложуваат вкупно 6 милијарди долари.

Од американската компанија сепак напоменуваат дека плановите за проширување на производството ќе вродат плод дури во 2023 година и дека автомобилската бранша ќе се соочува со недостиг од чипови и во добар дел од следната година.

Од најавените 6 милијарди долари, четири се наменети за проширување на фабриката во Сингапур, додека по една милијарда долари е предвидена за фабриките во САД и Германија.

Големите автомобилски концерни се соочуваат со скусување на продукцијата на автомобили, затоа што нема доволно чипови што е потребно да се вградат во возилата. Проблемот се влоши дополнително откако избувна нов бран на ширење на инфекцијата во југоисточна Азија, што доведе до затворање на голем број фабрики на тамошните добавувачи.

GlobalFoundries е партнер за испорака на чипови за добавувачите на автомобилските фабрики, како што се Bosch, NXP и Infineon. Во автомобилите драстично е зголемен бројот на чипови, коишто се неопходни за инфо-забавните и навигациски системи, но и за камерите и за системите за асистенција.

Сопственик на GlobalFoundries е инвестицискиот фонд Mubadala Investment Co. од Абу Даби. Компанијата произведува чипови и за Qualcomm, Qorvo и Advanced Micro Devices (AMD).

Најголемиот конкурент Taiwan Semiconductor Manufacturing Co. годинава ја зголеми продукцијата на чипови за авто-концерните за 60 проценти, а воедно ја започна најголемата инвестиција во својата историја, во висина од 100 милијарди долари, во следните три години.

>>> Фабриките скусуваат по уште еден ден поради недостигот од чипови

 

Претходна објаваВработени во Porsche трчаат за доброто на децата
Следна објаваToyota RAV4 дотеран за вистински авантури

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here