Целта на новата соработка меѓу Renault и Geely е во Кина да се произведуваат моделите на француската марка. Од соработката сепак може да произлезе многу повеќе.
Кинескиот автомобилски концерн Geely и Renault планираат стратешко партнерство и сакаат заеднички да настапуваат на кинескиот, како и на јужнокорејскиот пазар. Партнерството понатаму може да се прошири на други пазари.
Според денешното соопштение од Renault, двата коцнерни потпишале писмо на намери за основање заедничка компанија. Geely ќе биде мнозински сопственик на акциите во новата компанија. Во фабриките на мајчинскиот концерн на Volvo во Кина ќе се произведуваат моделите на Renault за кинескиот и за јужнокорејскиот пазар. Предност ќе имаат моделите со хибриден погон.
Со овој важен стратешки чекор, Renault ќе може да ги надмине огромните проблеми со коишто се соочува на кинескиот пазар. Во 2020 година, Французите го откажаа безуспешното партнерство со Dongfeng. Интересот на Geely од соработката со Renault е проширувањето на присуството на марката на глобалниот пазар, што е долгогодишна цел на шефот на концернот, Ли Шуфу.
Во кругови што се блиски до Renault се спомнува дека можното проширување на соработката би било во насока на развој и производство на чисто електрични модели. Пример за таква успешна соработка е заедничката компанија на Geely и Daimler, за производство во Кина на новата генерација на микро-автомобили од марката Smart со погон само на струја.
Возилата целосно ќе се произведуваат во Geely, но тие ќе користат и одреден обем на компоненти од Renault и воедно ќе се продаваат под марката Renault. Задача на француската марка во Кина и во Јужна Кореја ќе биде да се постави стратегија за развој на марката и да се формира сервисна мрежа.
Renault подолго од две децении соработува во Јужна Кореја со Samsung, во заедничката компанија Renault Samsung Motors. Планот е компанијата да ги продава и новите модели од идната заедничка компанија со Geely. Засега е неизвесно, како тоа ќе влијае врз соработката со Samsung.
















