Поради кризата: Автомобили излегуваат од фабрика со лажни чипови

volkswagen fabrika emden

Никој не можеше да претпостави дека невреме во град во Тексас и силен бран вирусни инфекции во малезиската Малака ќе предизвикаат проблеми во производството и испораката на возила во светски рамки. Но, токму од тие причини беше попречено производството на чипови во фабриките на некои од најголемите производители на полупроводници.

Тесното грло во снабдувањето со полупроводници најмногу ја погоди автомобилската индустрија. Поради тоа што голем број модули во автомобилите содржат чипови, некои производители почнаа да испорачуваат автомобили во коишто недостигаат неколку чипови.

Клиентите што ги чекаат своите возила добиваат соопштение од производителите во коешто се наведува дека нарачаното возило ќе биде испорачано без неколку чипови и воедно се бара согласност од нив. На тој начин се овозможува продукцијата да продолжи со нормална динамика, место производствените погони да мируваат и концерните да бележат загуби. Сопствениците сепак ги добиваат своите возила навреме, без неколку функции што не се пресудни за безбедноста и возливоста на автомобилот.

Во возилата недостигаат функции како навигација со унапредена реалност, којашто информациите за водењето до целта ги прикажува да изгледаат како да се проектирани врз самиот пат пред возилото. Истото важи и за мемориски модули што помнат различни местења на седиштата и на воланот со електрично местење. Во некои случаи не се испорачува вториот клуч од возилото.

Продукцијата од чипови се очекува да се нормализира дури околу средината на 2022 година

Откако производителите на автомобили ќе располагаат повторно со неопходната количина чипови, сопствениците на возилата што се испорачани без одреден број чипови ќе се повикаат во сервисна работилница, за чиповите за кусо време – и секако бесплатно – да се вградат во автомобилот и со тоа да се овозможат сите функции што биле нарачани при купувањето на возилото.

Проблемот со недостигот од чипови во голем дел се должи и на погрешните, премногу песимистички процени на производителите на автомобили. При општото замирање на сите активности во услови на пандемија, автоиндустријата лани направи погрешни процени и нарача кај производителите на електронски компоненти премал број на чипови. Пазарот на автомобили сепак заздраве неочекувано брзо, но договорите за испорача на чипови останаа на старите вредности.

Претходна објаваЕлектро-болидот на Audi за Рели Дакар е на тешки тестови
Следна објаваДизелите се продаваат помалку од електричните во Британија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here