Што ги разликува Берлин и Скопје во видовите превоз во градот?

Повторно следи период во којшто тв-дневниците и објавите на порталите се претворени во пародија, поради претстојните локални избори. За големите најави да не ги земаме премногу сериозно, една пародична споредба на Берлин и Скопје во поглед на можностите што им стојат на располагање на граѓаните и на посетителите во двете престолнини.

Тоа се забележува најдобро во понеделник, по викендите во коишто градот е испразнет и луѓето што сакаат малку да прошетаат пеш низ град или малку поспокојно да извозат велосипед, речиси празнуваат. Во понеделник, кога светот се враќа на работното место, следи комплетно различна улична слика. Во последните години, сообраќајниот метеж се пренесува во сé повеќе домови и канцеларии, па дури се избегнуваат и кафулињата што се изложени директно на врева и загаден воздух. Значи, тоа не е само улична, туку e веќе и домашна слика, секојдневие.

Сообраќајните експерти и урбани планери не можат да стигнат до збор и да укажат дека причината за целиот тој метеж е отсуството на јавен превоз и генерално незаинтересираноста на граѓаните да го користат истиот. Постои едно примитивно убедување дека јавниот превоз го користат тие што не можат да си дозволат автомобил. За жал, тоа е реалноста, којашто никој од „директорите на град“ досега не се обидел или потрудил да ја промени. За сето тоа време, градовите ширум светот отидоа многу далеку, во понудата од можности и видови за превоз.

Едно соопштение што утрово ни пристигна во редакцијата, говори за истражувањето спроведено во 30 најголеми градови во Германија, околу понудата на видови на мобилност. Тоа заклучува дека Берлин е најмобилен град во земјата, со 46 најразлични компании што нудат превозни средства. Германската престолнина, покрај врвно развиениот јавен превоз, нуди и CarSharing и RollerSharing, електрични тротинети и велосипеди на наем, а секако и RideSharing.

volkswagen moia hanover start

Овие видови на услуги за превоз одвај се познати кај нас. CarSharing во основата е јавно достапен возен парк, базиран врз мобилна апликација. Со телефонот се лоцира каде е најблискиот автомобил што е во возниот парк на компанијата што ја нуди услугата и истиот се резервира. Со телефонот исто така се отклучува возилото и потоа се користи колку што е потребно, од неколку минути, до цел ден, па и повеќе. По користењето, возилото се остава на кој било јавен паркинг, наплатата за користењето се врши на крајот на месецот, пак преку апликација.

RideSharing е варијанта на CarSharing, со главната разлика во тоа што возач пристига со комбе или ван местото на коешто се наоѓа корисникот што ја бара услугата. Корисникот ги дели превозот, а тоа значи и цената за превозот, со останатите патници кои имаат слично одредиште.

Останатите германски градови не заостануваат премногу. По Берлин следи Минхен со 42 компании за услуги за превоз, потоа се Диселдорф (39), Хамбург и Келн, со 37 односно 35 најразлични опции.

Во Берлин постојат дури 14 компании што нудат Carsharing. Следат Минхен (13), Хамбург, Диселдорф (12) и Нирнберг (11). Електрични скутери моментно се изнајмуваат во 11 големи градови во Германија. Во Диселдорф и Берлин постојат четири, односно три компании со таква услуга. Многу повеќе се застапени понудите за изнајмување електрични тротинети. Најмногу компании со популарните двотркалци има во Минхен и Келн (по 8), а со една компанија помалку заостануваат Франкфурт на Мајна и Берлин.

volkswagen moia hamburg

Јавниот превоз и натаму е столбот на мобилноста во бројни германски градови. Берлин, Бохум и Дуизбург располагаат со автобуски, трамвајски, метро, железнички и тролејбуски превоз, па дури нудат и превоз со траект. Четири системи на јавен превоз имаат Нирнберг и Хамбург. Само во Минстер и Ахен сообраќаат единствено автобуси.

Превозот во Скопје? Одвај нешто повеќе од стотина автобуси, контроверзен „трамбус“ во најава, што народот уште сега не го сака и нема да сака ниту да го користи. „Јавниот превоз“ во Скопје е сопствениот автомобил.

Претходна објаваMercedes EQS вози на батерија исто колку дизел S-Class
Следна објаваLexus е главна марка на фестивалот на филмот во Венеција

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here