Спортската марка Porsche постигна голем раст во продажбата во првото полугодие, впрочем исто како и останатите производители на премиум автомобили.
Од јануари до јуни, Porsche испорачал 153.656 возила, што претставува зголемување од 31 проценти во споредба со истиот период лани. Спортската марка досега нема постигнато толку висока продажба во прво полугодие. Со успехот најмногу се издвојува чисто електричниот Taycan. Со 19.822 примероци, електричната спортска лимузина заостанува само незначително зад продажбата што моделот ја имаше во целата 2020 година, во услови на пандемија. Со оваа динамика, Taycan се продава речиси исто колку спортската икона на марката, Porsche 911. Од купето и кабриолетот се продадоа 20.611 примероци, што претставува раст од 22 проценти.
„Степенот на електрификација расте во сите региони. Овој тренд потврдува дека патот што го поставивме со нашата погонска стратегија е вистинскиот“, изјави шефот за продажба Детлеф фон Платен. „Во Европа веќе 40 проценти од испораките на нашите автомобили е со електромотор – како чисти електрични возила или како приклучни хибриди“. Европската Унија пред неколку денови ги формулираше своите цели за СО2. Емисијата на гасот што е една од причините за глобалното затоплување треба да се намали за 55 проценти до 2030 година, за по 2035 година да се продаваат само возила што не испуштаат штетни материи.
Моделите со две врати наидуваат на растечка популарност во Кина
Најуспешни модели на Porsche се двата СУВ. Cayenne постигнал 44.050 продажби за шест месеци, што е за 12% повеќе од лани. Втор е Macan, за кого што во првото полугодие се решиле 43.618 клиенти. Тоа е раст од 27 проценти. Исто се зголеми и продажбата на малите двоседи 718 Boxster и Cayman со 11.922 примероци (+33%), меѓутоа Panamera не го следи големиот раст на останатите модели и постигна зголемување на продажбата од 6 проценти, односно 13.633 примероци. Можно е дека причината за забавената продажна динамика на Panamera е тоа што клиентите повеќе се решаваат за електричниот Taycan.
Сите пазари носат раст во продажбата, но посебно се издвојуваат САД со плусот од 50 проценти. Porsche од другата страна на Атлантикот продаде 36.326 возила. Најголем единечен пазар и натаму е Кина, со вкупно 48.654 продадени возила во првото полугодие (плус 23 проценти). Таму најмногу се зголемува побарувачката за моделите со две врати. Продажбата на 911 се зголеми за дури 83 проценти, со вкупно 2.324 примероци.
Европскиот пазар исто така напредуваше и со вкупно 40.435 продадени возила постигна раст од 25 проценти. Само во Германија се продадени 13.094 возила до јуни (+22%).
Шефот Оливер Блуме и натаму е оптимист, и покрај недостигот од чипови и пандемијата. Тој очекува дека Porsche годинава првпат ќе надмине 300.000 продадени примероци.
















