Иако Tesla од бројни причини доцни со пуштањето во работа на гигафабриката во Германија, можно е првите возила да излезат оттаму уште во текот на годинава. Така цени министерот за економија на германската сојузна покраина Бранденбург, Јерг Штајнбах, во интервју за економскиот дневни „Ханделсблат“.
За фабриката на Tesla во Берлин да започне со работа, неопходно е уште да се добие одобрение дека фабриката ги задоволува правно-еколошките регулативи. Одобрението доцни од една страна поради пандемијата, но и поради барањето критичарите на проектот да бидат сослушани, како и поради поднесеното барање за дозвола за доизградба на фабрика за батерии во рамките на комплексот.
Компанијата од Калифорнија првично планираше фабриката да стартува во јули годинава, но пуштањето на фабриката во работа сега е планирано кон крајот на годината. Производствениот капацитет е поставен на 500.000 електрични возила годишно.
Министерот Штајнбах се сомнева околу правата за тужба што им се даваат на еколошките организации. „Ценам дека е сомнително правото со коешто едно баварско еколошко здружение се ангажира против фабриката на Tesla што се наоѓа тука во Бранденбург. Тука би ставил еден голем прашалник.“ Тој посочува и на одолговлекувањето на правната постапка. Извесно здружение за нега на природната средина и заштита на видовите во Баварија, безуспешно се обидувало заедно со Зелената лига во Бранденбург, да ја запре сечата на дрва што била неопходна за да се ослободи теренот за изградба на фабриката.
Изградбата е веќе во напредната фаза
Штајнбах цени дека проектот може да послужи како пример за останатите фирми. „Моментно преговараме со повеќе потенцијални инвеститори“. Тоа се исклучиво странски компании. По завршувањето на постапката за Tesla, министерот ќе побара ревизија на правото за планирање и одобрување во Германија. Производителот на електрични автомобили во април ја критикувал постапката за добивање одобрение за фабриката.
Иако уште недостига конечното одобрение од страна на покраината Бранденбург, изградбата е во напредната фаза. Активистите за животна средина и жителите стравуваат дека фабриката може да има негативно влијание врз животната средина.















