за

BMW CE 04 со погонот на новото време

BMW го најавува новиот скутер CE 04 како безвучна револуција. Електричниот погон не е единствената негова посебност, со неа доаѓаат уште бројни промени.

Електричниот скутер е BMW како и секое друго возило под сино-белиот знак. Најдобар доказ за тоа се напредните батериски ќелии, што CE 04 ги добива директно од техно-фирерот на марката, од електричниот BMW iX. Секој следен скутер ќе користи електричен погон.

Скутерот со погон на струја BMW CE 04 отсега е дел од редовната понуда на BMW Motorrad. На тоа претходеа две повеќе футиристички, отколку концептни скутери. Прво во 2017 година беше претставен Motorrad Concept Link, а лани со Motorrad Definition CE 04 беше најавена завршницата на овој голем потфат.

Двотркалецот на BMW Group ќе привлекува купувачи со електричниот погон, но и со дизајн од иднината и со напредни решенија за поврзување. Скутерот станува средство за превоз, но и средство за комуникација, во времето на новата мобилност во урбаните средини.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Ракошна е моќноста од 42 КС. Спринтот од 0 до 50 km/h трае само 2,6 секунди. Во варијантата со смалена моќност L3e-A1, уште остануваат на располагање 31 КС. Највисоката брзина за двете изведби е ограничена на 120 km/h. Тоа дозволува со скутерот да се замине подалеку од градот и да се вози по автопат.

Батеријата од 8,9 kWh испорачува енергија за 130 километри досег, односно 100 km во изведбата со смалена моќност

Електромоторот со постојана побуда е вграден во рамката, во делот меѓу батеријата и задното тркало. Тој е сличен со електромоторот во 225xe Active Tourer и други модели. Освен преку обична приклучна кутија, BMW CE 04 може да се полни на домашен полнач или на јавен електричен полнач. Времетраењето на полнењето при користење обичен ѕиден приклучок е 4:20 часови. Со брз полнач со 6,9 kW, времето се скусува на 1:40 час. Доколку се полни од 20 до 80%, тогаш скутерот мора да мирува само 45 минути.

New photo by Automedia MK / Google Photos

BMW CE 04 стандардно располага со контрола на тракција со ASC (Automatic Stability Control). Како опција може да се избере DTC (Dynamic Traction Control) за врвна стабилност во секакви услови, вклучувајќи и забрзување во свијоци. ASC е споредлив со системот за контрола на стабилноста кај автомобилите. При пролизгување на задното тркало, електромоторот веднаш го смалува вртежниот момент, заради стабилизација. Возачот може да избира меѓу три режими: Еко, дожд и пат, опција е програма за динамика.

Рбет на скутерот е рамка од челични цевки. Напред работи телескопска вилушка од 35 mm, назад работи осцилирачка вилушка. По еден амортизер и пружина се поставени од левата страна и целосно се покриени. Предните гуми се 120/70 R15 67H, задните гуми имаат димензија 160/60 R15 56H. Сопирањето напред е задача на двојни сопирачки дискови, за задното тркало се грижи еден диск. ABS за мотоцикли е стандард, опција е ABS Pro, кој реагира беспрекорно и во брзи свијоци.

Информациите се прикажуваат на TFT колор-дисплеј од 10,25 инчи, што е прегледно и за користење на сериската навигација и за бројните можности за поврзување. Сите светла користат диодна техника, вклучувајќи ги долгото светло и трепкачите. Нормално дека BMW и тука нуди опција, во вид на адаптивно светло за свијоци Headlight Pro.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Фабриката на Tesla во Берлин е можно да стартува веќе годинава

Новата Kia Sportage со бензинец, дизел, хибрид, приклучен хибрид, сé за бестселерот